Don't Miss
Home / Вести / По фудбласкиот, Општината го спасува и кошаркарскиот клуб Пелистер

По фудбласкиот, Општината го спасува и кошаркарскиот клуб Пелистер

Кошаркарскиот клуб Пелистер, доби нова управа која во понатамошниот период ќе го води клубот, но и успешно ќе менаџира со затекнатите проблеми. Општина Битола, со финансиска поддршка, не дозволи спортот да биде жртва на претходното несоодветно финансиско менаџирање, во кое преземените обврски биле многу поголеми од финансиската способност и расположливите средства.

„Новата управа на КК Пелистер, назначена од општина Битола, со самото доаѓање во клубот, наиде на некои проблеми, коишто согласно ревизијата што ја направи општината, допрва ќе бидат предмет на разгледување на самата управа. Се соочивме со проблеми од типот на несоодветно планирање и усогласување на обврските, можностите и потребите на клубот. Но, како нова управа, ветуваме дека стоиме на располагање на градот и на спортот во Битола и ќе направиме се, успешната приказна на КК Пелистер да продолжи, во интерес на градот“, изјави Зоран Талевски претседател на Управен одбор на КК Пелистер.

Тренерот на Кошаркарскиот клуб Пелистер, изрази голема благодарност, што конечно завршува периодот во кој кошаркарите беа оставени сами на себе, а со општинската поддршка, се создава можност за надградба на успешната спортска приказна.

„Многу ми е драго на сето она што после подолг период се случува. Ние како спортски работници, кои што функционираме на теренот, во овој период практично бевме оставени сами да го бележиме сето она што е успех на КК Пелистер. Конечно дојде една нова гарнитура на луѓе. Од нашето кратко запознавање со нив, покажуваат голем интерес и на нас како спортски работници, ни е од огромно значење. Морам да напоменам, во целиот овој турбулентен период, вакуум период каде ние практично и сами функциониравме во спортскиот колектив, единствена поддршка која беше и верба за сето ова да се реализира, да сме овде денеска и да зборуваме за она што значи иднина на клубот, на кошарката во градот, господинот градоначалник, неговото присуство во почетокот на мандатот, даде еден голем поттик и верба кај нас, како спортски работници, сите ние станавме на тој еден збор кој тој ни го вети, а еве се докажа дека е така. Се заблагодарувам на моите играчи, на мојот стручен штаб, коишто во целиот период веруваа во сето она што ни го кажа градоначалникот и го сработивме најдобро, најпрофесионално и бележевме резултати како се да функционира во најдобра кондиција“, изјави Марјан Илиевски, тренер на КК Пелистер.

Спортскиот директор, нагласи дека неговата заложба ќе биде насочена кон достојно претставување на Битола, преку постигнување високи резултати.

„Во изминатата година, КК Пелистер, беше во горниот дел од табелата. Јас како спортски директор, заедно со новата управа се обврзуваме, клубот и во иднина да бележи високи резултати и сметам дека имаме знаење, сила и енергија, оваа година да постигнеме еден историски успех, во однос на пласманот на КК Пелистер. Клубот го затекнуваме и во едно натпреварување во АБА 2 лига, што претставува голем предизвик и прескокнување на многу скалила, за што ние како управа прифаќаме и тоа натпреварување го истуркаме и Пелистер, достојно го претстави градот, но и кошарката во Битола во втората Јадранска лига“, изјави Мартин Јовановски, спортски директор на КК Пелистер.

Градоначалникот Коњановски информираше, дека општината даде комплетна поддршка на КК Пелистер, со цел надминување на проблемите предизвикани од нереалното финансиско планирање кое остави неисплатени средства по повеќе основи, со што работата на клубот беше доведена во голема неизвесност.

„Поддршката на развојот на спортот, поттикнувањето на младите спортисти и високите спортските резултати, професионализмот се дел од приоритетите на кои интензивно работиме, притоа соочувајќи се со различни предизвици, за кои, по пат на соодветно менаџирање од луѓе кои се професионалци, го имплементираме најдоброто решение.

Како што слушнавме и од претходно изложеното, веднаш по доаѓањето се соочивме со ситуација на преземени високи финансиски обврски, без притоа добро да се испланира нивното регулирање во интерес на понатамошно функционирање на клубот.

Како општина, за да се заштитиме од посериозни последици, ги саниравме затекнатите долгови и продолживме со поддршка на спортистите, со цел кошаркарскиот клуб, кој е една успешна приказна, да продолжи да реди успеси, на кои сите ние битолчани, ќе бидеме горди.

За изминатите два и пол месеци, кон КК Пелистер, исплативме 8.000.000 денари, со што во одреден дел ја стабилизиравме состојбата во клубот, тоа беа заостанати обврски на клубот.

Согласно програмата за спорт и млади, планираме Општина Битола во насока на унапредување на спортот да ги поддржува и финансира професионалните спортски клубови регистрирани на подрачјето на Општина Битола со цел популаризација на спортот и достојно презентатирање на можностите и потенцијалите на општината.

И покрај затекнатите проблеми, паралелно со поддршката на спортот, продолжуваме и со инвестиции во инфраструктурата, економскиот развој, социјалната заштита, културата и сите други области со цел Битола да биде подобро место за живеење на сите“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Градоначалникот Коњановски ги повика и стопанствениците, вљубеници во спортот, да ја препознаат успешната приказна која ја води Марјан Илиевски во Битола, а зад која општината застанува со целосна поддршка.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*