Home / Култура / Португалската дива Тереза Салгуеро главна ѕвезда на Фестивалот „Музика од светот”

Португалската дива Тереза Салгуеро главна ѕвезда на Фестивалот „Музика од светот”

Португалската  дива Тереза Салгуеро со тридецениска импозантна музичка кариера,  ќе биде главна музичка ѕвезда на осмото издание на Фестивалот „Музика од светот”  во организација на Центарот  за култура-Битола.

Ова го соопштија директорот на Центарот за култура, Борче Димитровски и селекторот на Фестивалот, Оливер Јосифовски притоа додавајќи дека  Салгуеро годинава слави 30 години успешна  музичка  кариера.

– Годинашното издание на Фестивалот  “ Музика од светот”  ќе почне на петти  ноември со настапот  на португалската дива со импозантна кариера Тереза Салгуеро. Одбележувањето на нејзината светска кариера Салгуеро го поврза и со градот Битола и тоа е големо признание за нашиот фестивал. Салгуеро настапувала со групата „Мадредеуш”, соработувала со познатиот композитор Збигњев Прајснер, а воедно  и со Хозе Карерас,  и имала настапи  низ целиот  свет.  Минатиот месец беше во Хелсинки, а следната дестинација и е Битола- информираше првиот човек на Центарот за култура, Борче  Димитровски.

Според фестивалската програма, следниот ден на шести ноември во соработка со Турскиот културен центар „Јунус Емре” и Дирекцијата за култура и уметност,  ќе биде организиран концерт на Карсу Домнес, холанѓанка со турско потекло, талентирана пијанистка, но и концерт на “The New Spark Jazz Orchestra”-Balkan на кој ќе настапат 15 жени од Балканот промотори на родовата еднаквост и поттикнувачи за зголемување на бројот на жени музичари и композитори.

Фестивалот „Музика од светот” секоја година се одржува под покровителство на Министерството за култура.

Во изминатите изданија на овој етаблиран музички фестивал, публиката имаше можност да ужива во концертите на  Наташа Атлас, Ришард Галијано и Раби Абукалил.

 

 

Б.В.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*