Don't Miss
Home / Вести / РЕК „Битола“: Активно работиме на надминување на предизвиците со одлагањето на пепелта и ги уверуваме граѓаните дека квалитетот на воздухот не е нарушен

РЕК „Битола“: Активно работиме на надминување на предизвиците со одлагањето на пепелта и ги уверуваме граѓаните дека квалитетот на воздухот не е нарушен

Во врска со неодамнешните реакции во јавноста во врска со наводите за несоодветно одлагање на пепелта во РЕК „Битола“ АД ЕСМ, Подружница РЕК „Битола“ сака да ја информира јавноста за преземените мерки и континуираните напори за еколошки одговорно работење.

Иако присуството на прашина при поинтензивен ветер е позната појава во изминатите децении поради специфичниот процес на производство, транспортот и одлагањето на пепелта преку 3,7 километарска лента, РЕК „Битола“ активно работи на нејзино минимизирање.

Пепелта, како нуспроизвод од производството на електрична енергија, се третира со континуирано навлажнување, проследено со одлагање и засипување со земја. Сепак, високите температури и ветерот може да доведат до сушење на површинскиот слој и евентуално подигнување на прашина при нејзиното спуштање во касетата.


На 26 март 2025 година, Државниот инспекторат за животна средина изврши надзор на одлагалиштето за пепел во РЕК „Битола“. При увидот беше констатирано присуство на поголеми количини на пепел кои отстапуваат од пропишаните во Главниот рударски проект, за што беше издадено задолжение во рок од 30 дена количините да бидат соодветно одложени и посипани со земја. Инспекторатот не изрече санкции, што укажува на препознавање на напорите на Комбинатот за решавање на ова прашање.


Со задоволство информираме дека денес, на одлагалиштето кое беше предмет на инспекцискиот надзор, нема ниту еден грам пепел. Целата количина е одложена, а теренот е целосно посипан со земја. Во насока на долгорочно решение, веќе е извршено планирање и поместување на транспортната лента, со што од 25 април одлагањето на пепелта ќе продолжи директно во касета. Водените топови за дополнително навлажнување ќе бидат ставени во функција веднаш по поместувањето на лентата. Дотогаш, попрскувањето на одложената пепел се врши континуирано со специјални средства и цистерна. Дополнително, ги споделуваме резултатите од мерењата на амбиенталниот воздух спроведени од страна на акредитираната лабораторија „Технолаб” Скопје-информираат од АД ЕСМ, Подружница РЕК „Битола“ и притоа додаваат дека согласно добиените податоци, констатирано е дека во испитуваниот период не е надмината 24-часовната гранична вредност за заштита на човековото здравје за концентрацијата на суспендирани цврсти честички ЦЧ10 (PM 10), согласно Уредбата за граничните вредности за нивоата и видовите на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух (Сл. весник на Р.М. бр.50/2005 и 183/2017).

Актуелното раководство на РЕК „Битола“ е целосно посветено на справување со долгогодишните проблеми и обезбедување одржливо работење на Комбинатот според највисоките еколошки стандарди. Ќе продолжиме транспарентно да ја информираме јавноста за сите наши активности во оваа насока– стои во информацијата на АД ЕСМ, Подружница РЕК „Битола“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*