Home / Колумни / Вандали(зам)

Вандали(зам)

                                  

          Иако не сите, сепак откако знам за себе голем број битолчани знаеле да се чукаат в гради дека живеат во  најградскиот град во Македонија, во градот на конзулите и клавирите, во кој уште пред многу векови биле донесени најновите европски моди, навики и однесувања.

          Со оглед на тоа што не сум живеел во тоа време на конзулска Битола, туку сум  современик на сегашна Битола, која  добро ја познавам повеќе од половина век, секогаш со доза на неверување и скептицизам ги примав пораките на некои политичари, кои за време на изборните кампањи им ветуваа на битолчани  дека доколку бидат избрани ќе и го врателе стариот конзулски сјај на Битола.

          Како тие политичари го замислуваа враќањето на стариот  конзулски сјај на Битола не знам, бидејќи тие таквите  свои ветувања освем со голи пароли никогаш јасно не ги објасниа.

          За враќањето на конзулскиот сјај на Битола, освем некои поединци, раката на срце  многу не се испотија ни сегашните почесни битолски конзули.

          Секоја чест на некои поединци, но некои од почесните конзули, кои не знам како се стекнаа со дипломатски статус, не само што ништо не направија за враќањето на конзулскиот сјај на Битола, туку си поиграа со тешко стекнатиот углед и статус на градот од претходните генерации.

          Но разочарувањето од нив воопшто ни ме погаѓа, ни ме допира. Тоа што посебно ме  загрижува и нервира е однесувањето на битолчани кон својот град.

            Последниот случај со откорнувањето на над 700 цвеќиња од неколкуте илјади кои ги посади јавното претпријатие “Комуналец “ навистина  не делегитимира како град.

          По таквиот  вандалски чин на некои несовесни  наши (с)граѓани не знам дали ние заслужуваме уште  Битола да ја словиме како конзулски град.

          Тоа што посебно загрижува е што  според сознанијата на ЈП “ Комуанелц “ тие што ги искорнаа цвеќињата и си ги пресадија во своите дворови и саксии,  не се малолетни лица, или тинајџери, туку возрасни наши (со)граѓан(к)и, кои  водени од своите лични интереси крадешкум ги откорнаа цвеќињата за себе.

          Вандалскиот чин на некои несовесни (со)граѓани на Битола, кон цвеќињата, зелените површини, урбаната опрема, канделабрите, спомениците… поточно кон се што не е нивно, не е ниту ново, ниту пак непознато за најголемиот број битолчани.

          Но мислам дека ова е редок и досега непознат случај за една ноќ да бидат откорнати дури 700 цвеќиња од јавните зелени цветни површини во градот.

          Таквиот потег заслужува не само осуда, туку и законско санкционирање.

          Како народ секогаш знаеме да се воодушевувме кога одиме во странство на хигиената, или уредените зелени површини со разноразни цвекиња.

          Неодамна кога бев во Москва со денови можев да уживам во прекрасните алеи со разноразни цвекиња кои беа посадени дури и во стоковните куќи.

          Навистина бескрајно беше задоволството сето тоа да се доживее, или да се гледа со свои очи.

          Кога ја запрашавав волонтерката, која постојано не придружуваше, како се одржува толку добро таа хигиена или зеленило во Москва, каде живеат неколку милиони Московјани, нејзиниот одговор беше дека хигиената во Москва не е обврска само на комуналците, туку на сите Московјани.

          Гледајќи го сето тоа, постојано себеси се прашував што да се направи кај нашите (со)граѓани и тие да имаат таков однос кон хигиента и зеленилото како жителите на Москва.

          За жал одговорот ниту тогаш, а ниту сега  не го најдов. Барем во себе и за себе.

          Очигледно е дека  кај нас не постои однос  кон хигиената и зеленилото на градот.

          Кај нас постои мислење дека треба да се чува и негува само тоа што е лично наше и до куќниот праг.

          Се што е подалеку од домашното чергиче не е наше да водиме сметка за тоа, туку тоа е грижа на други.

          Со такво сфаќање на работите нас ни се случува тоа што ни се случува од градот да правиме депонија и да уништуваме се она што некои се обидуваат да го направат за нас и градот да личи на град во кој ние живееме.

          Со претходното уништување на Детскиот парк , уништувањето на канделабрите, спомениците… сега на цвекињата кои не преноќија ни една вечер, се потврдува сознанието дека толку многу искажуваната и декларирана  љубов на битолчани кон Битола во најмала рака е класично и безобразно лицемерие.

             Со постапките кои ги прават некои несовесни наши (со)граѓани очигледно е дека тие не ја доживуваат Битола како свој град.

          Доколку такиот однос кон градот не се промени залудни ќе бидат сите напори на комуналните претријатија и локалната самоуправа да вложуваат и труд и средства за разубавување на Битола.

          Грижата за хигиената и зеленилото во Битола треба да биде постојана и посветена, не само з аконуланите претпријатија, туку за сите нас.

          Додека не сфатиме дека Битола е нашиот дом, а дури потоа домот во кој живееме, нема ништо од остварувањето на нашите желби,  нашиот град да биде тоа што сите го посакуваме, европски град.

           За да го постигнеме тоа потребно е масовно превоспитување на битолчани.

Тоа  треба да почне час поскоро и тоа од најмали години, што би се рекло уште од градинките.

          Родителите, воспитувачите и учителите треба конечно да сфатат дека првата лекција која треба да ја научат децата е  нивниот однос кон хигиената, дома и надвор од својот дом.

          Само со такво (пре)воспитување можеме да се надеваме дека конечно нашиот град ќе биде чист, секогаш измиен и со голем број раскошни зелени површини, збогатени со разноразни  цветни аранжмани.

          Крајно е време сите ние да им кажеме гласно  НЕ на вандалите, кои со своите постапки континуирано го уништуваат градот.

          Ако и тоа не помогне, тогаш мора да следуваат законските санкции за паричо казнување на сите тие.

Колумната можете да ја прочитате во најновиот број на Битолски весник кој веќе е во продажба

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*