Home / Колумни / Велигденско воскресение

Велигденско воскресение

                    

Деновиве, кога  буквално цела Македонија беше во карантин,бидејќи од петокот во 16 часот на целата територија беше прогласен полициски час, седејќи  пред компјутерот вниманието ми го привлече  една мисла на мојот колега и пријател Венко Андоновски, кој вели:

“Во овие моменти кога сме свртени кон себеси и своето храбрење за справување со пандемијата, загледајте се во себе и станете подобри луѓе. Искоренете ги страста и суетата. Ниедна институција, ниеден колективитет нема да станат подобри ако во нив не влезат добри луѓе”, пишува Венко Андоновски.

Таман што ја оставив настрана ваквата мисла на Венко, ми пристигна интервјуто со отец Партениј, кој во пресрет на големиот христијански празник Велигден исто така зборува за добрите луѓе.

“Во една неодамнешна моја проповед кажав дека современата цивилизација во многу нешта наликува на ужасен ѕвер, кој немилосрдно трча да консумира сѐ што ќе види; доколку не успее да консумира баш сѐ, тогаш тој останатото го расфрла, уништува, гази под нозете. Ја претвори планетата во масовна гробница на природата, но и на човечкиот дух. Желни за што поголема материјална заработка, работодавачите безобзирно ги принудуваат работниците да работат и во неделите, на празниците, не оставајќи им простор и време да отидат в црква да се помолат и да поминат малку повеќе време со семејството.

Се оддалечивме од Бога, а со тоа се оддалечивме и од самите себе и од нашите ближни. Станавме идоли самите на себе. Човештвото се беше впуштило во една безумна трка за материјални богатства, слава, мок, суета, пишува отец Партениј.

И токму мислите на Венко и Партениј ми дадоа идеја и јас во оваа (прет)празнична колумна, пред најголемиот христијански празник Велигден, да напишам некој ред за добрите луѓе, кои кај нас за жал се помалку ги има и кои исчезнуваат секој ден,  пред да не стрефи пандемијата.

Деновиве, кога сите ние без исклучок сме дома, во своите домови и кога во сите наши молитви се молиме за сопственото здравје и здравјето на нашите најблиски, чинам имаме доволно време  да се свртиме кон себеси и да се запрашаме како натаму, зашто очигледно е дека како досега веќе никој не не трпи, па ни  Севишниот.

Има голема филозофиа во мислата на Венко дека ниедна институција, а јас би додал и држава нема да станат подобри ако во нив не влезат добри луѓе.

На оваа мисла на Венко јас би додал дека  за да државата стане подобра покрај добри треба да влезат и способни и креативи  луѓе, кои ќе знаат и умеат да прават добри дела, а и  да се справат со секакви проблеми.

Деновиве кога светот се справува со пандемијата сите политичари и државници, пред да  предложат, или применат било која  мерка за справување  со пандемијата,  велат дека конечниот збор за тоа кои и какви мерки ќе преземат,  ќе го имаат стручњаците, во случајот епидимиолозите и вирулозите, а не тие.

Требаше да ни се случи чумата на 21 век, кој секојдневно одзема илјадници животи,  па и политичарите, кои се покажа дека не се имуни на оваа зараза, да сфатат дека пред да применат било каква мерка треба  да се консултираат со науката и професионалната мисла.

Досега нивното учење беше дека тие се од Бога (пред)одредени  да ни кажат  се, кој како и колку ќе живее.

 Деновиве за прв пат откако паметам наместо на политичарите им се ракоплеска на лекарите, медицинските сестри, лаборантките, техничарите… кои ризикувајќи го својот живот под скафандерите се обидуваат да ги спасат животите на инфицираните од корона вирусот.

Сега, кога човечките животи и кај нас станаа бројки, убеден сум дека и политичарите конечно научија дека луѓето не се лекуваат со политички и партиски пароли и дека сите ги бараме добрите и способните здравствени работници, а не тие кои се од “нашата “ партија.

          Пандемијата со корона вирусот мислам дека конечно ќе не отрезни од заблудите во кои со децении  живеевме, дека  може да се живее само од политика и дека  “политичката пандемија”, во која живеевме е поопасна за државата, од сегашната со корона вирусот.

Сегашаната пандемија колку и да е опасна е со одреден век на траење и ќе помине.Но не сум сигурен колку ќе трае и какви се штети ќе ни донесе политичката пандемија, која никако да ја прележиме.

Корона вирусот кој не стрефи  покажа колку како општество (не) сме подготвени да се престроиме во вакви ситуации и дека бројот на луѓето кои знаат и умеат во државата е крајно лимитиран и дека кај  нас најмногу “кажуваат” луѓе кои што многу малку знаат.

Многумина кај нас се однесуваат како “божји деца” чиј “проповеди” мораме да ги слушаме постојано, инаку во спротивно ризикуваме да бидеме прогласени за безбожници и богхулници.

Убеден сум дека како и обичните смртници, кои деновиве се обраќаат кон Бога, барајќи од него прошка и милост и нашите политичари, кои деновиве се во (само)изолација ќе имаат време не само за молитви за нивното здравје, туку да  размислат како натаму да ја водат државата.

 Уверен сум дека сега е најдобриот момент и тие како и ние,во пресрет на Христовото воскресение ќе сфатат дека делбите, кавгите, нетрпеливоста, разединетоста, самобенисаноста, егозимот, незнаењето… никаде не не носат.

 Крајно време е сега да сфатиме дека треба да не стопли љубовта, филантропијата, знаењето, посветеноста, почитта… не само кон себеси и своите најблиски, туку и кон другите.

Сега е време сите да станеме како што велат Венко и Партениј добри луѓе.   

Со такви желби и пораки Битолски весник на сите битолчани и православни верници им го честита големиот христијански празник Веилгден и Христовото воскресение.

Колумната можете да ја прочитате во печатеното издание на Битолски весник, кое ќе излезе среда, на 15 април

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*