Home / Колумни / Весник, кој ја надживеа и пандемијата

Весник, кој ја надживеа и пандемијата

               

        За еден ден, точно на 29 април,  Битолски весник ќе ја архивира  за нас “старата “ 57 година од излегувањето на првиот број и ќе сврти нова страница, од  58 та година на излегувањето.

        Точно на 29 април 1964 година, водени од првиот главен и одговорен уредник, Владо Ласковски, Битолски весник на битолските граѓани и трудебеници им го подари најубавиот празничен подарок, првиот број од Битолски весник.

        Поучени од искуството на брзо излегување и уште побрзо згаснување на веснците во Битола, никој тогаш, па ни генерации новинари подоцна, не веруваа дека Битолски весник толку долго ќе трае.

        А тој трае  и трае,  веќе цели 57 години.

        Иако многумина  му го предвидуваа, а малкумина  за жал и посакуваа  неговиот крај, сепак Битолски весник опстојува и редовно излегува цели 57 години.

        Ниту дигитализацијата и новата технологија не успеаја да го спречат Битолски весник редовно да излегува.

        И покрај тоа што како и останатите печатени медиуми во Македонија и Битолски весник во своето опстојување се среќавал со финансиски тешкотии и веќе со децении е оставен на ветрометините на пазарната економија, сам да се грижи за својот опстанок, сепак овој весник  во сите овие 57 години ниту еднаш не престанал со излегување и печатење, што е  своевиден подвиг.

        Тој опстои и во минатата и оваа година, кога не само ние туку и светот се соочи со чумата на 21 век, коронавирусот, кога не само некои медиуми, одредени институции, компании, фирми… туку и цели држави престанаа да го живеат своето вообичаено  секојдневие и се заклучија.

        Битолски весник успеа да ја надживее  не само глобалната финансиска криза, туку и короната.

        И во услови на пандемија, кога како и најголемиот број граѓани и ние од редакцијата на Весникот се соочивме со сите стравови и ужаси  кои (ни) ги донесе коронавурусот,  Битолски весник не престана да излегува, туку секоја среда се наоѓаше во рацете на нaшите верни  читатели и  децениски поддржувачи.

        Редакцијата на Битолски весник работеше дури и тогаш кога  сите “одмараа” и  кога како во светот, така и кај нас неработењето се плаќаше.

        Во услови на  светска пандемија  редакцијата на Битолски весник, повеќе од една година секоја недела го подготвува(ше) Битолски весник и не дозволи тој да прекине  и редовно да излегува.

        Во изминатата 2020 и сега во 2021 година, никој од редакцијата на Битолски весник не користеше ни еден ден одмор, или  боледување. Никој никогаш не одби да работи или  да соработува.

        Напротив цело време на прво место на сите нас ни  беше грижата за Битолски весник и неговото редовно излегување.

Грижата за редовното излегување на Весникот беше паралелна со грижата за сопственото здравје и справувањето со пандемијата. Таа не не напушти, дури и тогаш, кога некои самонаречени   “експерти “ не советуваа да му ставиме катанец  на Битолски весник, бидејќи  според нив, наводно печатењето на Весникот било губење време и чиста загуба.

        Грижата за редовното излегување на Весникот не не напушти дури и тогаш, кога тие т.н.  “експерти “ не  прежалија и не напуштија, оставајќи не  ние самите да се грижиме за нашето опстојување.

        Во многу прилики многумина ме прашуваат кој е рецептот на ваквиот успех.

        И тогаш и сега и во иднина одговорот е сосема ист.

        Љубовта кон Весникот.

        Во сите овие изминати 57 години од излегувањето на првиот број на Битолски весник најголемиот број новинари, без разлика на која генерација му припаѓаа, при подготвувањето на Весникот  ги водеше  љубовта кон Весникот.

        Љубовта кон Битолски весник секогаш кај нас  била многу  поголема од омразата кои некои ја имаа(т) кон Весникот.

Среќен сум што таа љубов кон Весникот успеав да им ја  наметнам и на членовите на редакцијата кои сега го подготвуваат  Битолски весник.

Да се пишува за  Битолски весник,  кој   цели 57 години гордо го носи името на градот, кај нас  е нераскинливо поврзана и со љубовта  кон Битола.

        Да се пишува и уредува Битолски весник е привилегија која не може секој да ја има, или да ја купи, па ниту да ја плати.

        Оттаму секоја жртва, дадена за опстојувањето на Битолски весник е минорна во однос на  задоволството која  тој ја  носи.

        Битолски весник е без сомнение не само единствениот локален весник во  Република Македонија којшто успешно опстојува во медиумскиот простор на печатените медиуми во Македонија, туку е и единствениот весник во државата којшто за период од 57 години редовно излегувал и немал ниту еден прекин во печатењето.

        Тоа на овие простори не му успеа на ниту еден друг печатен медиум, било тоа да е дневен, неделен или месечен, локален, регионален, или републички.

        Во изминатиот период над 60 печатени локални, регионални и републички печатени медиуми не преживеаја.

        Единствениот кој  толку долго живее е Битолски весник.

        Битолски весник како и во изминатите 57 години, така ќе продолжи да работи со истиот елан, љубов и ентузијазам и во иднина.

        Веќе од идниот број почнуваме да ја испишуваме историјата на 58 година од излегувањето на првиот број.

        Изминатата 57 година заминува на нашата  (нај)богата архива,  која брои вкупно 56 годишници, укоричени, кои се редовна лектира на сите оние кои пишувале и пишуваат за Битола.

        Му се допаѓало тоа некому, или не, но на нивна жалост, а  за наша радост вистината е таа. Историјата на Битола цели 57 години ја пишува Битолски весник.

        Тоа ќе продолжи да го прави и во иднина, на задоволство и радост на нашите верни читатели и поддржувачи, кои никогаш не не оставија на цедило и кои не помагаа дури и тогаш кога ним им требаше помош.

        Нивните очекувања никогаш нема да ги изневериме. А на тие кои ни го посакуваа(т) крајот само би им порачале.

        Џабе се трудите.

 Таквото задоволство  никогаш нема да ви го дозволиме.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*