Вчера, во Битолската библиотека „Св. Климент Охридски“ се одржа поетско дружење по повод 55 годишнината од творештвото на еминентната и позната писателка Гордана Такец.

На промоцијата во Библиотеката во Битола пред вљубениците во пишаниот македонски збор беа промовирани голем број нејзини авторски дела кои ја воодушевуваат читателската публика.
Промотор на нејзиното импозантно творештво беше директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ Битола м-р Емилија Стефановска Давкова.

„Навистина сум почестена од госпоѓата Гордана Такец што ме избра мене за промотор на нејзините дела чиешто творештво оваа година полни 55 години. Нејзините писателски творби успешно ја продолжиле мисијата на татко ѝ и го оствариле неговиот аманет да создава за себе и за него на полето на пишаниот збор, сликарството и креативноста, воопшто! Јас и посакувам уште многу нови прозни дела и стихови , а со тоа и нови големи признанија и награди, да биде инспирација за нас и за целиот свет околу нас!-сподели на Фејсбук профилот директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ Емилија Стефановска Давкова.
Писателката Гордана Такец од Битола од љубов и почит кон нејзиниот татко ја основаше фондацијата „Такец“ која промовира култура, поети и поезија.

Дипломирала на Правниот факултет во Македонија, магистерски и докторски студии во Москва и Киев. Докторирала на Катедрата за дипломатија и меѓународно право и на катедрата за психологија. Четири години била професорка по психологија во Киев на Универзитет. Работела како ТВ новинарка во Македонија, како универзитетски професор во Македонија и Киев. Посебно треба да се нагласи дека таа беше познат и одличен адвокат.
Гордана Такец , денес е почесен доктор на науки на Европскиот институт за човекови права и визитинг професор на истиот Институт. Гордана Такец напиша 19 научни трудови, 27 романи, 9 книги поезија, објави 12 меѓународни антологии, организира културно-уметнички настани, слика и пишува. Таа е автор на романите: Балканот е валкан, Водка и гитара, Јас сум безвремена жена, Хемија, Љубов со големо Љ, Јасмин, Нашите испуштени нешта, Руски рулет, Јас сум Такец, Капињера и други.