Деновиве заврши реализацијата на еден значаен проект во Средното општинско Техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ во Битола со чија реализација ќе се помогне за зголемена енергетска ефикасност и за снабдување со електрична енергија.
„Поставена е фотонапонска централа, т.е. фотонапонски панели за производство на електрична енергија на кровот на нашето училиште. Со овој проект потврдуваме дека сериозно работиме на реализација на проекти коишто се поврзани со заштита на животната средина, користење на обновливи извори на енергија, а се со цел да дадеме мал, но значаен придонес Битола да стане поубаво место за живеење. Придобивките се огромни-информираат од Средното општинско Техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ Битола.
Од Техничкото училиште додаваат дека се прави замена на енергија базирана на фосилни горива со чиста и обновлива енергија и истовремено има заштеди кај сметките за електрична енергија.
„Заштедените средства ќе се инвестираат во подобрување на условите во училиштата. Со овој проект ќе се овозможи во текот на образовниот процес учениците да стекнат знаења, вештини и ставови неопходни за заштита на животната средина и за преминот кон зелени економии-стои во информацијата на Средното општинско Техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ Битола.