Општина Битола и ЈП Комуналец, во соработка со правниот субјект за постапување со отпадно пакување „Пакомак“ од Скопје, денес ја реализираа акцијата со која во населбата Стрелиште беа донирани канти и контејнери за примарна селекција на пластичен отпад. Оваа населба е четврта по ред, во Битола, во која се поставуваат соодветните канти и контејнери. На овој начин, во прилог кон обезбедување на услови за здрава и чиста животна средина, дополнително се влијае на подигнување на свеста и совесното однесување на граѓаните кон животната средина.
„Свеста не е нешто што се прави преку еден ден, ниту човек со неа се раѓа, таа е нешто што треба да се надоградува и да се постигне преку низа активности којшто треба да се направат. Во името на тоа, кога зборуваме за селектирање на отпадот, всушност зборуваме за сериозен почеток на третман на отпадот, онака како што треба. Во таа функција е и денешната акција. Искуството покажа дека селектирањето, на пример на стаклото беше многу успешно во Општина Битола и дека доколку се работи во оваа насока, навистина можеме да направиме многу повеќе и во селектирањето на отпадот, а со тоа и да направиме добар вовед, во третманот на отпадот во нашата општина. Очекувам дека, во таа насока и во иднина, всушност ќе ги подобруваме овие состојби“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
Со ваквите активности, се овозможува заеднички, синхронизиран пристап кој ќе резултира со целосно подобрување на состојбите во областа на заштитата на животната средина.
„ЈП Комуналец во рамките на своите активности, продолжува со своите заложби преку соработка со граѓаните да ја развиваме свеста, совеста кај граѓаните, за селекција на отпадот. Станува збор за примарна селекција на отпадот, се она што значи пластичен отпад, ќе се става во посебно наменети канти, коишто сега ќе им ги доделиме на граѓаните во оваа населба. Околу 150 канти ќе им ги поделиме на граѓаните од индивидуалните домаќинства и околу 10 контејнери ќе бидат поставени пред зградите, така што граѓаните ќе имаат можност да вршат селекција на пластичниот отпад. Затоа апелирам во оваа прилика, граѓаните да не го ставаат заедно со другиот отпад затоа што ние ќе го подигаме еднаш месечно овој пластичен отпад. По потреба, ние стоиме на располагање да дојдеме во дополнителни термини. Вкупно, имаме околу 1650 канти за отпадна пластика и преку 150 контејнери за таа намена“, рече директорот на ЈП Комуналец, Панде Богоевски.