Don't Miss
Home / Uncategorized / 70 години од формирањето на Првата Егејска бригада

70 години од формирањето на Првата Егејска бригада

Денеска, пред спомен чешмата кај Битолската противпожарна едница со полагање на свежо цвеќе беше одбележана 70- годишнината од формирањето на Првата народноослободителна бригада од Егејскиот дел на Македонија.

Свежо цвеќе пред спомен- чешмата положија градоначалникот на Битола, Владимир Талески, претставници од ОО на Сојузот на борци од Битола,  претставници од „Сојуз на Македонците од Егејот Македон“ итн.

– Ако не беа овие значајни настани, немаше денеска да имаме вакви одбележувања. Овие седум децении на многу начини обврзуваат за сето она што во минатото ни донесоа многу историски личности, историски настани, должни сме да го испочитуваме, да ја оддадеме големата почит. На вакви исклучителни датуми сите заедно треба да оддаваме почит за сите историски личности и настани кои се светлина во македонската слобода, независност која денес ја имаме во Република Македонија. Ова е достоинствен континуитет на сите Македонци кои со векови имале единствена цел, слободата на Македонија. Вековен стремеж за слободна Македонија- изјави градоначалникот на Битола, д-р Владимир Талески.

egejska 9

На 18 ноември 1944 година беше формирана Егејската Народноослободителна ударна бригада. Пред седум децении е формирана Егејско-македонската ударна бригада со единици, учесници од Воденскиот, Леринскиот и Костурскиот дел на Егејска Македонија кои акциите ги имале во Западниот дел на Македонија.

– На 18 ноември, 1944 година во Битола беше формирана Бригадата која замина во западниот дел на Македонија, каде што сеуште постоеја битки со балистичките банди. Беа формирани двата баталјони на Егејскиот дел на Македонија, исклучиво од Македонци од Егејскиот дел, што создаде  револт кај грчките власти, двата баталјони, воденскиот и леринско- костурскиот беа на вардарскиот дел на Македонија и ги водеа завршните борби против фашистичкиот окупатор – истакна првиот човек на Општинската организација на Сојузот на борци од Битола, Александар Трајковски.

Според претседателот на СМК, Тодор Петров споменот за формирањето на Првата егејска-македонска ударна бригада во Битола е значаен настан во поновата историја на Македонија затоа што нејзините борци се пресметаа со соработниците на окупаторот балистите во западниот дел на Македонија.

egejska 7

– За жал со т.н. граѓанска војна во Грција од 1946 до 1949 година, како продолжение на Втората светска војна довчерашните сојузници Британците, влегоа во војна со партизаните од ЕЛАС подоцна ДАГ, ги вратија монархофашистите на власт во Елада а тие жестоко се пресметаа со Македонците и го продолжија етничкото чистење во окупираниот дел на Македонија. Никогаш да не заборавиме дека т.н.  егејско прашање не се само децата бегалци од 1948 туку и насилно прогонетите Македонци од егејскиот дел на Македонија  во балканските војни. Остануваме посветени на трајното решение на македонското прашање и на унапредувањето на положбата и правата на македонците во Егејскиот дел на Македонија и во цела Грција, како и на враќање на државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија, истакна Петров.

Од двата баталјони беше формирана бригадата која броеше над 1500 борци.

 

Б.В.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*