Европската унија денеска го поздрави решавањето на билатералното прашање меѓу Србија и Македонија.
По повод постигнувањето договор од пет точки меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ, во Европската комисија оценуваат дека прашањето е решено со „конструктивен пристап“ од обете страни.
– Го поздравуваме фактот што овој случај е решен на конструктивен начин. Меѓусебната почит, добрососедските односи и јакнењето на регионалната соработка остануваат основа за европскиот пат на целиот регион – порача портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчиќ во изјава за Танјуг.
Претходно таа порача дека ЕУ внимателно го следи развојот на ситуацијата меѓу Белград и Скопје, но одби да ги коментира билатералните прашања меѓу двете земји.
– Очекуваме двете страни да покажат воздржаност и да ги решат прашањата на мирен начин, во духот на добрососедските односи -изјави Коцијанчиќ претходно денеска.