Денеска, кога читателите ќе го имаат в раце овој број на Битолски весник, ќе биде познат Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија на патот кон Брисел. Како и во изминатите 5 години, така и денеска, претставникот на ЕУ, во моментот Аиво Орав, во папката со сини корици,“исцртана“ со ѕвездички, ќе му го предаде Извештајот на премиерот Никола Груевски за напредокот, или назадувањето на Македонија кон евроинтеграциите.
За разлика од минатите години кога со голема возбуда и нестрпливост го очекувавме Извештајот, овој пат ми се чини дека кај јавноста нема многу возбуда од тоа што (ќе) содржи Извештајот. Дури се добива впечаток како на сите да (им) ни е сеедно што ќе напишат нашите европски ментори во Извештајот и дали во истиот ќе констатираат дали има или нема прогрес во нашите евроинтеграции, кога на сите нам ни е сосема јасно дека и овој пат Република Македонија нема да добие препорака за почеток на преговорите за влез во ЕУ.
Имам впечаток дека на најголемиот број (со)граѓани како да им е сеедно и дали Македонија овој пат ќе го задржи, или изгуби кандидатскиот статус, кој, според некои добро информирани извори од Брисел, наводно, (веќе) бил доведен во прашање. И кога сме кај нашиот кандидатски статус за влез во ЕУ, мислам дека Македонија е единствена земја во Европа, која толку долго била кандидат за почеток на преговорите во ЕУ. Ваквата статус-кво состојба на Република Македонија, кога станува збор за нашите евроинтеграции ме потсетува на “кандидатскиот“ статус на еден мој стар пријател, кој над 20 години беше кандидат за решавање на својот работен статус. Цели 20 години тој од страна на конкурсните комисии беше оценуван дека (не) ги исполнува условите за прием, но дека треба да се стрпи, бидејќи пред него имало (други) кандидати кои имале подобри “препораки“.
Во меѓувреме, мојот пријател, иако се ближи до статусот пензионер, остана упорен и натаму се пријавуваше на секој конкурс, но постојано освен констатирање на неговата кандидатура, никогаш не доби препорака за прием на работа. И токму од него научив дека (кај нас) “препораката“ не се добива така лесно и дека истата треба да се заслужи.
Настојувајќи да ја добие толку потребната “препорака“, мојот пријател што се не направи, но, за жал, не успеа да го смени својот “кандидатски“ статус. Сега гледам дека не само кај нас, туку и во Брисел, така лесно не се добива “препорака“ и дека нејзиното добивање не зависи од тоа дали ги исполнуваш критериумите и условите или не, туку во најголем дел од тоа кој стои зад тебе.
Во ЕУ, која, наводно, толку многу се залага за исполнување на критериумите и стандардите, има случај дури кога Грција како земја-кандидат, која нас не блокира на патот кон ЕУ, иако од страна на Европската комисија доби негативна препорака за нејзиното зачленување во тогашната Европска економска заедница, сепак да биде примена во ЕУ.
Покрај Грција и други членки на ЕУ, како Бугарија и Романија, кои беа далеку од исполнување на европските стандарди, на мала врата се провнаа во ЕУ. Но, тоа е тоа, иако не учат дека главен критериум за влез во ЕУ е исполнување на стандардите и критериумите од поглавјата кои ги поставува Брисел, сепак повеќе од јасно е дека, како и кај нас, така и во Брисел, главен критериум за влез е “препораката“.
А кога препораката е услов над условите за влез во ЕУ, тогаш сосема нормално е таа да зависи не од (не)исполнувањето на стандардите, туку од добрата волја на тие кои ја даваат или не ја даваат препораката.
Иако никогаш не сакам да се ставам во улога на Калимеро, или да звучам како овој јунак од цртаните филмови, сепак не можам, а да не кажам како е можно земјата, која уште во 1992 година од страна на Правната комисија на Унијата, на чие чело беше Бадинтер, кој констатира дека Република Македонија, заедно со Словенија ги исполнува сите услови за признавање, толку долго да чека да добие препорака за почеток на преговорите.
Случајот со Република Македонија е најдобра потврда дека ЕУ ги изневери и своите креатори на идејата за обединета Европа.
За Брисел, кој се колне во демократијата и функционирањето на правото, човековите права и слободи, сосема е нормално една земја-членка да може со децении да ја спречува друга земја да влезе во ЕУ.
Земјите кои се колнат во демократијата, станаа заробеници на политиката на вето на земјата која себеси се нарекува лулка на демократијата. А токму еден од основачите на ЕУ, Моне, во своите мемоари напишал дека ветото е симбол на немоќта.
Но токму преку таа немоќ, ЕУ ја искажува својата моќ над Република Македонија, која со децении не може да го оствари својот европски сон, благодарение на мрачните фрустрации на својот јужен сосед.
Токму заради тоа што Македонија е жртва на воспоставениот систем во ЕУ, нејзиниот иден статус во Брисел да се одредува по пат на препорака, треба да ни биде најдобра препорака кај нас дома, да се напушти принципот на решавање на судбината на луѓето по пат на “препорака“, зашто практиката покажа дека кога работите се решаваат, или не се решаваат со “препорака“, тогаш, по правило, одлуките се непринципиелни и најчесто субјективни.
Многу често и погрешни.
Менде Младеновски