Неколку лица биле повикани синоќа на разговор во полициска станица поради сомнение дека учествувале во обид за местење на Скопскиот фестивал.
Според првичните информации, меѓу повиканите се нашле сопственици на продуцентски куќи, пејачи и други познати личности. Кај нив биле пронајдени повеќе од 1.000 СИМ картички со кои се обиделе да влијаат на гласањето и да го оштетат Буџетот, вели портпаролот на МВР Иво Котевски.
Доколку измамата се докаже, не се исклучува можноста истрагата да влијае и на начинот на гласање на другите фестивали. Нема информации во чија корист се гласало организирано на Скопскиот фестивал и дали измамата влијаела на конечните резултати.
Единствено се огласи победникот на фестивалот Даниел Кајмакоски кој вели дека дури утрово дознал за скандалот.
Неговиот тим категорично демантира поврзаност со инцидентот, а Кајмакоски нагласува дека тој немал причина зошто да се обидува да го намести изборот.
Во игра на вчерашниот Скопски фестивал беше можноста да се претставува Македонија на изборот за песна на Евровизија, но и високи парични награди.
Извор: фактор.мк