Самопрегледот, превенцијата и редовните контроли на дојките се многу важни за откривање на потенцијални промени во градите и треба да се прават редовно, беше пораката на лекарите на денешниот настан на тема: „Да зборуваме за женското здравје“ што се одржа во Битола, во организација на Ротаракт клуб Широк Сокак во соработка со Педагошкиот факултет.
Целта на настанот беше да се подигне свеста кај младата популација за важноста на женското здравје.
–Самопрегледот е многу важен, превенцијата и редовните контроли и слични методи што се достапни во здравствените установи. Сите девојки што пушат цигари редовно да прават контроли без разлика што се млади. Најголемиот ризик фактор за сите проблеми со дојките кај жените е пушењето. Постои исто така и генетски ризик фактор, во многу ретки случаи и тоа треба да е докажано ако мајката има некои заболувања па тие се пренесат на женските деца, но, тоа не мора да значи бидејќи постојат случаи во кои никој немал проблем со болести на дојките во семејството, па се јавува кај некоја од жените. Рзик факторите сеуште прецизно не се испитани-вели доктор Весна Шикловска, радиолог во клиничката болница Битола.
Таа додава дека жените кога ќе закажат преглед во ординација првото нешто на што се жалат е болката во градите.
-Едно сакам да потенцирам дека карциномот на дојка не боли. Јас сум спокојна кога моите пациентки ќе ми речат дека ги болат градите, и знам дека како лекар ништо страшно нема да најдам. Но, кога ќе речат дека напипале топче, но, воопшто не ги боли, тогаш тоа знае да ме исплаши. Ова јас сакам да го споделам од моето лично искуство како радиолог во мојата досегашна работа. Инаку, младите не се во ризична група, но, жените после 35 годишна возраст треба редовно да прават контроли и самопрегледи. Карцином на дојка после пет години по неговото откривање, доколку нема рецидив се смета за комплетно излечива болест. Тоа е позитивната порака што сакаме да ја испратиме од овој настан, дека ракот на дојка не значи смрт, и дека во последно време имаме доста успешни приказни-додава д-р Шикловска.
Според лекарите, во нашата држава нема изразена култура за скрининг.
–Првата дијагностичка процедура е ехото на дојка а тоа е најбезболна и најбезбедна. Кај младите девојки многу ретко се дијагностицираат малигни промени и доколку се јават во младата возраст прогнозата е многу полоша бидејќи се хормонски зависни-вели доктор Шиклоска, радиолог во Клиничката болница во Битола.
Катерина Анакиевска, претседател на Ротаракт клубот Широк Сокак, организатор на настанот на кој се разговараше и дебатираше за женското здравје вели дека интенција е тој да прерасне во традиционален.
-Месец март е посветен на здравјето на жената и подигнување на свеста за женското здравје, и што е она на што треба младите девојки да внимаваат, да се превенираат состојби што не ги посакува никој од нас. Тоа беше и една од причините, зошто овој настан го организиравме на Педагошкиот факултет во Битола-рече Анакиевска и додаде Ротаракт клубот Широк Сокак Битола кој е дел од Ротари заедницата ќе продолжи и во иднина да се грижи за подигнување на општествената одговорност, да организира хуманитарни акции и донации во Битола.
Васка М.Младеновска