Хрватската актерка Весна Томинац Матачиќ е годинешен добитник на наградата гранпри што ја доделува меѓународното жири на Интернационалниот “Фестивал на монодрама Битола 2015“.
Највиското фестивалско признание на Томинац Мачиќ од загребското глумачко ателје-Загреб, вечерва и беше доделено за монодрамата „Јас, што имам невини раце“, адаптација на текстови од Весна Парун во режија на Иван Лео Лемо.
Наградата гран при ја врачи претседателот на меѓународното стручно жири, рускиот актер Јуриј Назаров, додека пак битолскиот градоначалник Владимир Талески ја додели наградата на публиката која годинава му припадна на српскиот актер Иван Томашевиќ кој ја изведе монодрамата „Зоран Радмиловиќ“.
На интернационалниот фестивал за монодрама „Битола 2015“, чиј домаќин и организатор е НУ Центар за култура, годинава учествуваа 11 монодрамски претстави во официјална конкуренција и 3 надвор од конкуренција, а ги изведоа актери од Романија, Израел, Русија, Србија, Хрватска, Бугарија, Украина, Турција, Велика Британија и од Македонија.
Во чест на наградените, во тек е изведбата на театарската претстава „Не се клади на Енглези“ на Владимир Ѓорѓевиќ, во режија на Синиша Ефтимов, а настапуваат актери од МНТ-Скопје.
Б.В.