Учениците и вработените во Основното училиште “Гоце Делчев“ од Битола го одбележаа својот патронен празник, што го носи името на големиот македонски револуционер Гоце Делчев.
На 3 мај се одржа свечена академија, која ја отвори директорката м-р Билјана Рахманова – Тасева со пригоден говор, а во продолжение следеше програма подготвена од учениците и нивните ментори.
По тој повод директорката Рахманова – Тасева рече:
-Денес е посебен ден за сите нас, ден кога го празнуваме Патрониот празник на нашето училиште, убаво е да се потсетиме за активностите и постигањата на училиштето. ОУ “Гоце Делчев“ од Битола е едно од најстарите училишта во нашиот град, училиште кое се карактеризира со посебен дух, модел училиште за мултикултурно образование, училиште кое постојано е насочено кон подобрување на квалитетот на целокупното работење. Препознатливо е по квалитетот на работа и квалитетните образовни услуги кои ги нудиме на нашите ученици, по стручниот кадар кој го имаме и којшто постојано се усовршува, по стилот на менаџирање и водење на училиштето. Како резултат на ова имаме доста награди, признанија и високи постигања на училиштето, наставнците и учениците во различни области.
Билјана Рахманова – Тасева нагласи дека “во насока на постигнување на висок квалитет во образованието, ги следиме сите препораки од МОН и активно сме вклучени во реализирање на заедничките проекти. Можам да набројам дел од проектите кои успешно ги реализиравме: ПМИО, Градиме мостови, Еколошка едукација во македонскиот образовен систем – Еко училиште, јакнење на мултикултурна соработка со општините и многу други.
Наредниот ден продолжија активностите со свечено полагање на цвеќе пред бистата на Гоце Делчев, а се одржа и литературно читање, историски час, приредба и спортски натпревари.
Оваа година за промоција на училиштето беше издаден флаер и училишен весник кој беше насловен “Златен збор“.
Б.В.