Don't Miss
Home / Uncategorized / Собир пред Кривичен суд за поддршка на Талески

Собир пред Кривичен суд за поддршка на Талески

Мирен собир се одржа денеска пред Кривичниот суд во Скопје за поддршка на битолскиот градоначалник Владимир Талески, на кого овој суд му одреди 30-дневен куќен притвор.

Собирот го организира Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ).

Пред судот беше прочитана декларација до судиите, која ГДОМ ја предаде во Основниот суд Скопје 1 Скопје и Апелациониот суд Скопје во која тие од судиите бараат да не потклекнуваат на никакви притисоци, ниту од внатре, ниту од надвор.

– Вашето спротиставување на притисоците во овој период ќе биде потврда на независноста и непристрасноста на судството во Република Македонија и ќе биде пример за идните генерации судии во земјава, наведуваат од ГДОМ охрабрувајќи ги, како што наведуваат, да не подлегнуваат на притисоци и да не носат нарачани политички одлуки.

Правдата, како што посочуваат, мора да биде еднаква за сите. Целосно е неприфатливо за едни да важат законите, а за други да нема никаква одговорност, стои во декларацијата.

Во неа се наведува дека лидерот на опозицијата, Зоран Заев е аболиран и спасен од кривична одговорност за криминал тежок осум милиони евра. Заев, како што посочуваат од ГДОМ, се закануваше дека за него не постојат македонските судови и дека нема намера да постапува по судски наредби и изјавуваше дека ќе правел списоци со судии на кои ќе им се одмаздувал доколку дојде на власт, додека неговиот портпарол Петре Шилегов најави поднесување на кривична пријава против судија само заради одлука донесена по закон и врз сопствено убедување.

Заев, наведуваат натаму, е осомничен за барање поткуп и за случајот „Пуч“ и е на слобода, додека на Владимир Талески му се изрекуваат мерки иако нема никакво криминално досие и секогаш го почитувал судот.

Ги повикуваат судиите да не дозволат луѓе како Заев да ги заплашуваат и да влијаат врз нивните одлуки со што ќе го нарушат сопствениот кредибилитет и интегритет.

Кривичниот суд во Скопје во петокот по барање на СЈО му определи мерка притвор на Талески, а денеска Апелацискиот суд треба да одлучи по жалбата на битолскиот градоначалник.

Талески е еден од осомничените во случајот на СЈО „Транспортер“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*