Единаесеттото издание на фестивалот за современи уметности, АКТО, оваа година под мотото Pop Up, или искрснување, ќе се одржи во четири градови низ Македонија.
Од 12 до 14 август ќе биде во Битола, а потоа со нови содржини продолжува во Скопје во септември, Штип во октомври и Тетово во ноември.
Покрај секојдневната музичка програма, сижејната на линија на 11 издание на АКТО ќе биде политичката моќ на колективите, а оваа тема ќе се отвори од повеќе аспекти преку дискусии со уметници и членови на независни иницијативи од Балканот.
Тридневната програма во Битола ќе се одвива во специјално дизајнирана хала во поранешниот комплекс на фабриката фрижидери, како и во кафе барот „Јагода“.
Во рамки на програмата ќе има музички настапи, конференции, изложби, претстави и работилници.
Во музичкиот дел од програмата ќе настапат бендовите Дисциплина Кичме, Фолтин, Ти, диџејот Џимпстер од Англија, како и многу локални бендови и диџеи од битолската сцена.
Во театарскиот дел помеѓу другото ќе може да се погледнат претставите „Битката на Неретва“ (Хрватска) на Борис Бакал, како и претставата „Кампакам“ (Словенија) на Владо Репник.
Фестивалот вклучува конференција поделена во три панели на кои ќе се дебатира на темите поврзани со правата и условите на културните работници и слободните уметници, како и одговорноста на уметниците во општество во време на политичка криза.
На фестивалот ќе се одржи и конференцијата ENGAGE на организацијата Младински образовен форум. Во склоп на програмата, ќе бидат поставени и изложби на фотографии од повеќе автори, а под мотото „Микрозаедниците и нивната (не)моќ“ ќе се собираат пораки од граѓани на повеќе локации низ Битола, во облик на тура со камион низ градот.
Поп ап АКТО е организиран од ФРУ – Факултет за работи што не се учат, а финансиски е поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој УСАИД.
Б.В.