На минатонеделната седница на Советот на Општината Битола, бурна расправа меѓу советниците од власта и опозицијата предизвика иницијативата на СДСМ за раскинување на договорот за јавно-приватно партнерство помеѓу Општината Битола и фирмата “Стентон градба ДОО Битола“ поради непочитување на обврските од договорот за зонско паркирање во Битола.
Пред утврдувањето на дневниот ред, советникот од СДСМ, Горан Козаров, побара поместување на иницијативата како приоритетна, бидејќи истата ги тангира сите граѓани на Битола.
Владејачкото мнозинство го отфрли ваквото барање на опозицијата и во неколку наврати ја прекинуваше седницата, што од друга страна дополнително ги иритираше советниците од опозицијата кои обвинија дека локалната власт ескивира да се дискутира за ова важно прашање за граѓаните и дека штити одредени бизнис интереси.
Советникот од СДСМ, Горан Козаров, во изјава за новинарите обвини дека концесионерот “Стентон градба“ не ги почитува обврските од договорот и дека фирмата не успеала да го среди сообраќајниот хаос во градот, од кој директна штета имаат граѓаните на Битола.
СДСМ : “Градски паркинзи“ не ги исполнија условите од договорот
-Условите во кои граѓаните ги паркираат своите автомобили во Битола се несоодветни. Кај концесионерот евидентирано е непочитување на техничките прописи, манипулирање со граѓаните околу цената која им се наплаќа за паркирање. Од страна на приватниот партнер “Градски паркинзи“, во изминатиот период од три и пол години, колку што стопанисува со паркинзите, имаме сериозни индиции дека се направени повеќе прекр-шувања на договорот, техничката документација и правилникот за работа. “Градски паркинзи“ имаа доволно време да ги исполнат сите услови предвидени со договорот. Бидејќи тоа се уште не е направено сметаме дека е најповолен момент да им се одземе концесијата за јавно-приватно партнерство- побара советникот од СДСМ, Горан Козаров.
Од СДСМ уште обвинуваат дека досега не добиле ниту едно известување за финансиската заработка на “Градски паркинзи“ и колку средства и се исплаќаат на Општината.
-Комисијата мора да дава извештај за работењето на оваа фирма зашто е јавно-приватно партнерство, но ние до денес немаме добиено – дециден е советникот од СДСМ, Козаров.
ВМРО-ДПМНЕ: Обвинувањата на СДСМ се неаргументирани
Советниците од владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ се согласуваат со одредени забелешки од технички аспект, но од друга страна потенцираат дека СДСМ единствено што сака е раскинување на договорот со концесионерот, и на негово место да дојде некој друг кој им одговара на опозицијата.
-Ниту на комисиската расправа од страна на СДСМ не слушнавме ниту еден аргумент за прекинување на зонското паркирање во градот, туку слушнавме аргумент за раскинување на договорот со приватниот партнер во јавното-приватно партнерство. Целта на СДСМ е да се замени приватниот партнер со некој друг што нив им одговара. Аргументите на СДСМ се неосновани и имавме заеднички забелешки од техничка природа како сомнежи за фалсификувани лепенки, смс пораки, местоположба на наплатни бараки, како и секојдневни проблеми, сакаат неосновано да го прикажат како причина за раскинување на договорот. Им порачуваме наместо да го трошат времето на Советот, кој има поважни работи за решавање, можат како граѓани да упатат претставка до Комисијата за спроведување на договорот, која, меѓу другото, до сега не добила ни една формална реакција. Согласни сме со поплаките на граѓаните дека дупките кај Спортската сала “Младост“ веднаш треба да санираат – смета советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Хаџиевски.
Образованието во Битола на колена, обвинуваат од СДСМ
Битолското образование е на колена и состојбите веќе подолг период се очајни.
Училиштата се со блокирани сметки, родителите на учениците издвојуваат средства за хигиена, обезбедување на училишните објекти, еднодневни екскурзии итн. Податоците се загрижувачки, децидна беше координаторката на советничката група на СДСМ, Наташа Петровска, на последната седница на општинскиот совет, на која, на дневен ред, беа извештаите за работа и годишните програми на основните и средните училишта во Битола.
-Редно е да се отворат картите и да се истакне дека состојбите со образованието во Битола се очајни и од поодамна битолското образование е паднато на коленици. Професорите од сопствен џеб купуваат нагледни средства, печатат материјали потребни за наставата, но и покрај сите потешкотии, благодарение на наставниците, учениците успеваат да направат успешни резултати на училишните натпревари и да ја афирмираат Општината Битола. Сведоци сме дека родителите го плаќаат обезбедувањето на нивните деца во училишните објекти. Во последно време, во мода се и еднодневните екскурзии и излети со најразлични цели и родителите се принудени да издвојуваат по 180 денари, а не секој родител тоа може да го издвои од домашниот буџет. Запрепастуваат бројките на намалување на бројката на ученици во битолските училишта, а бројот на наставниците се зголемува – обвини советничката од СДСМ, Наташа Петровска.
ВМРО-ДПМНЕ: Воспитно-образовниот процес се одвива без проблеми
Од владејачкото мнозинство на обвинувањата од опозицијата возвраќаат дека од извештаите и годишните програми на училиштата може да се констатира дека воспитно-образовниот процес во Битола се одвива успешно и без проблеми.
-Од извештаите може да се извелече заклучокот дека реализирани се поголеми инфраструктурни проекти кои обезбедуваат подобри услови за учениците и наставниот кадар. Обуката на наставниците е важен чинител во воспитно-образовниот процес и тие се многубројни. Евидентно е учеството на сите училишта во бројни проекти, практики, финансирани од Министерството за образование со меѓународни организации кои значат бенефит за училиштата. Учениците имаат освоено бројни награди на општински и државни натпревари. Со оглед на тоа што образованието е динамичен процес кој бара континуирано да се вршат промени и вложувања, сметам дека битолските училишта се подготвени да го прифатат тој предизвик. Проблемите успешно се решаваат, а тоа се констатира во завршните сметки на училиштата- истакна советничката од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Соња Карапашовска.
На прашањето зошто Општината Битола за оваа учебна година распишувањето на тендерот за бесплатниот превоз на учениците го префрла на Техничкото училиште “Ѓорги Наумов“, советничката Соња Карапашовска од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, одговори дека Општината има право да одреди училиште коешто ќе го распиши тендерот, а тоа се прави со единствена цел, превозниците да понудат поевтина цена.
Автор: Васка.М.Младеновска