Don't Miss
Home / Градска хроника / Амбициозни планови за намалување на загадувањето во Битола

Амбициозни планови за намалување на загадувањето во Битола

Покрај краткорочните мерки што ги предложи советничката група на СДСМ за намалување на причините за загадувањето на воздухот во Битола, на вчерашната седница на советот на општината, опозицијата предложи од буџетот за наредната година да се издвојат 20 милиони денари, или нешто повеќе од 300.000 евра, за изработка на проектна документација за изградба на секундарна мрежа во градот, што ќе биде поврзана со топловодот, кој ќе биде изграден од РЕК „Битола“.

Иако се очекуваше дека ваквиот предлог на опозицијата повторно ќе ја „загади“ политичката клима во советот на општината Битола, сепак советниците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ како и на СДСМ, за чудо овој пат беа едногласни во заклучокот дека точката за загадувањето на воздухот во Битола треба да се најде на дневен ред на седницата закажана за вторник, наредната недела, кога треба да биде усвоен буџетот на општината за 2017 година. Советниците овој пат се издигнаа над партиските интереси и заеднички оценија дека загадувањето на воздухот во Битола и покрај досегашните преземени адхок-мерки и натаму е на мошне високо ниво и дека последиците од таквото загадување граѓаните веќе на големо ги чувствуваат, а тоа се одразува сериозно и на нивното здравје.

Со оглед на тоа што советничката група на СДСМ излезе со предлог за донесување итни мерки за намалување на последиците од загадувањето, а немаше подготвено пишан материјал, на седницата се заклучи дека за предложените мерки најпрво треба да бидат разгледани на соодветните комисии како и на комисијата за финансии и буџет, кои треба да ги разгледаат предложените мерки и да оценат како ќе се одразат тие на буџетот што е планиран за наредната година, а дури потоа таквите предлог-мерки да се најдат на дневен ред на последната седница на советот за оваа година, закажана за вторник, 27 декември.

 

Инаку со средствата од 20 милиони денари се планира изработување проектна документација за изградба на секундарната мрежа за затоплување на домовите од РЕК „Битола“. Со издвојувањето на овие средства Битола на најдобар начин ќе покаже дека е подготвена и со свои средства да учествува во решавањето на затоплувањето на домовите во градот, бидејќи сите досегашни мерења на причините за загадувањето на воздухот, покажале дека најголемо е загадувањето на воздухот во зима, кога граѓаните своите домови ги загреваат со дрва и со други огревни материјали.

Бидејќи загадувањето на воздухот е мошне големо и Битола последниве денови спаѓа во градовите што дишат најзагаден воздух, на седницата беше предложено да се донесат и краткорочни мерки за намалување на последиците од загадувањето. Во краткорочните мерки се предлага нов режим на сообраќајот во градот, особено во централното градско подрачје, кој треба да биде регулиран во договор со сообраќајната полиција, потоа воведување на скратено работно време за работниците што работат на отворено, како и за учениците, кои посетуваат настава и редовно прскање со хемикалии на градските улици, кои ќе го намалат загадувањето. Дали сите овие мерки ќе бидат прифатени ќе се знае во вторник, кога за нив треба да расправа советот на општината Битола, кога ќе биде разгледуван буџетот за наредната 2017 година.

 

 

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*