Home / Uncategorized / Битолските затвореници со една желба – што побрзо да излезат на слобода

Битолските затвореници со една желба – што побрзо да излезат на слобода

                       Во пресрет на Новата година  во затворот “Црн мост“

 

Атмосферата во битолскиот затвор „Црн мост“ беше вообичаена. По ништо не можеше да се добие впечаток дека сме на прагот на Новата година.

Немаше украсени дрвја, светилки, лампиони и нешто од вообичаениот декор со кој традиционално земјава е накитена во пресрет на новогодишните и божиќните празници.

Во кругот на затворот тоа утро пред истекот на последните денови на годината владееше вообичаена тишина. Најголем број затвореници веќе ги извршуваа своите должности во работилниците, или колонијата, каде што се работно ангажирани. Затворениците што тој ден немаа работна обврска претпладнето го поминуваа во своите соби или во телевизиската сала, гледајќи телевизија или играјќи шах.
Иако затворениците се тие што најчесто другаруваат со календарот и ги бројат деновите, во битолскиот затвор се добива впечаток дека Новата година е нешто далечно. Сепак, според зборовите на управникот на затворот Славко Гацовски, и вработените во битолскиот затвор и затворениците „интензивно“ се подготвуваат за организиран пречек на Новата година.  Веќе е договорено новогодишното мени, кое ќе се состои од јагнешко печено месо во фурна, гарнир од рестован компир и свежа зелена салата. Станува збор за храна произведена во затворската економија, во која работат исклучиво луѓе што ја одлежуваат казната во битолскиот затвор „Црн мост“. Среќа или несреќа, како што велат нашите соговорници, е тоа што во моментов во битолскиот затвор нема ниеден музичар што издржува казна, па овој пат ќе изостане живата свирка.

Затворениците своето новогодишно расположение ќе мора да го пополнат со слушање музика на ЦД или со она што ќе се прикажува на малите екрани. Бидејќи еднаш во годината е денот кога се чествува Новата година, затворениците добија одобрување заедничкиот пречек на новогодишната ноќ да трае до еден часот по полноќ, а на оние затвореници што ќе сакаат и понатаму да останат будни на располагање ќе им остане гледањето телевизија, се разбира ако не го попречуваат мирот на преостанатите.

Според протоколот, точно на полноќ вообичаено Новата година на затворениците ќе им ја честита управникот на затворот, кој ќе им посака многу здравје и лична среќа во идната година.
Во битолскиот затвор затворската казна ја одлежуваат над стотина затвореници од сите профили и возрасти (судии, адвокати, обвинители, лекари, директори).

Сепак, уште отсега може да се каже дека сите тие во Новата година влегуваат со една иста желба, а таа е што побрзо да ја одлежат казната и да се најдат на слобода. Зборот слобода овде најчесто се повторува, но и најмногу се цени. Или, како што ни рече еден од затворениците за време на нашата посета во затворот, тој збор нема цена, а во таа вредност се увериле сите што се нашле зад решетки.

– Можеби за тие што се на слобода ќе изгледа непримерно, сепак Новата година, како и секоја година, и во битолскиот затвор организирано и свечено ќе биде пречекана. Ние и во ова време на криза, која не нѐ одмина и нас, се погриживме на затворениците да им обезбедиме колку-толку услови и тие да имаат богата трпеза за Новата година, а преостанатото како што тие знаат и умеат самите ќе си го организираат – вели управникот на затворот Гацовски.

Но колку и да се трудат во управата на затворот да им ја направат новогодишната ноќ што повесела и посреќна, сепак најголем број затвореници имаат желба новогодишната ноќ да ја дочекаат во кругот на своите семејства. а тоа најдобро зборува фактот што веќе половина затвореници побарале за Новата година да добијат викенд и да бидат пуштени дома. Според куќниот ред на битолскиот затвор, затворениците имаат право за еден од претстојните празници, Нова година, Божиќ или Василица, да побараат да го поминат во своите домови, со своето семејство. Таквото право го имаат затворениците што не се во притвор. Па така до денот на нашата посета на затворот над 45 затвореници побарале за Нова година да бидат во кругот на своето семејство. Тоа најдобро зборува дека најубавиот пречек на Новата година сепак е во кругот на семејството. Некои затвореници, пак, таквата можност ја оставија за Божиќ, а за празникот Василица речиси нема заинтересирани. Го напуштивме битолскиот затвор со впечаток дека колку и да е тешко, сепак животот не завршува во затворот. Затворениците и во затворот, лишени од слобода, знаат да си го организираат денот.

Но токму во затворот сите затвореници, освен некои постојани повратници што ги прекршиле законите, стануваат свесни за цената на слободата и колку таа вреди. Затоа сите затвореници во битолскиот затвор за Новата година имаат само една желба, а таа е што побрзо да го напуштат затворот и да се најдат на слобода, во кругот на своите семејства.

 

Автор: Менде Младеновски

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*