Љупчо Стојановски(60) од велешкото село Каласлари со два истрела од огнено оружје денеска се обиде да го убие екс министерот за здравство, Никола Тодоров.
Инцидентот се случи околу 12 часот пред Министерството во моментот кога Тодоров излегол од автомобил и се упатил кон зградата на министерството, каде требаше да му ја предаде функцијата на новиот министер, Арбен Таравари.
Љупчо Стојановски е дедо на малата Тамара која почина чекајќи фондот за здравство да и ги одобри парите потребни за операција во странство. Решението за одобрените средства стигна еден ден по нејзината смрт.
Свиреп и со умисла, вака го опиша денешниот напад, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Напомена дека ова не е прв ваков случај и повторно ги обвини социјал демократскиот сојуз и невладините организации дека стојат зад нападот врз членот на извршниот комитет на партијата.
„Денешниот обид за убиство не беше случаен. Бил подготвуван, денес било трагано по него со одење во неговиот дом, и веќе е јасно дека е политички поттикнато со градење атмосфера против Тодоров.” – изјави Никола Груевски Претседател на ВМРО ДПМНЕ.
Осуда за инцидентот стигна и од социјал демократскиот сојуз од каде велат дека вакви инциденти во иднина не смеат да се повторат,а обидот за убиство го осуди и мајката на малата Тамара.