Од ноќеска на полноќ дизелот поевтинува за два денара по литар, а цената на бензините останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Со одлуката се врши намалување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,72, односно за 2,15 отсто.
Малопродажните цени на ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат, односно остануваат 67,50 и 69,50 денари за литар. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за два денара за литар и сега ќе чини 53,50 денари, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 1,50 денари за литар и ќе изнесува 42,50 денари.
Со одлуката на РКЕ за 0,677 денари за килограм се намалува и цената на мазутот М-1 НС и сега ќе изнесува 26,248 денари.
Како причина за новите цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 9,83 отсто пониската просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена и за 5,9 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.