Don't Miss
Home / Спорт / ФГСРМ годината ја заврши успешно

ФГСРМ годината ја заврши успешно

Во организација на ФГСРМ, во викендот што остана зад нас, во хотелот ,,Слив” во Виница, се одржа изборот на најдобрите гимнастичари и гимнастичарки за оваа година. Пред тоа Извршниот одбор ја одржа завршната седница за оваа година на која беше направена анализа за работата во текот на 2014 година.

Беше оценето дека и покрај финансиските проблеми, но и обидите на некои поранешни членови на ИО да се девалвира работата на ФГСРМ, сепак оваа федерација, на чие чело подолго време се наоѓа Љупчо Арнаудов, годината ја заврши успешно.
Програмата што беше донесена на почетокот од годинава беше целосно реализирана. Се одржаа сите предвидени натпревари во А и Б лигата, а за разлика од минатите години, во оваа, гимнастичари од Македонија учествуваа на повеќе меѓународни средби.
На предлог на Дисциплинската комисија, поради свесно пречекорување на овластувањата и префрлање на гимнастичари од една во друга категорија, спротивно на актите на Федерацијата, од членство во ИО беше суспендиран тренерот на Партизан Соколи од Прилеп, Златко Ангелески, на кого му беше изречена и забрана за водење на гимнастичари на клупски и меѓународни средби во траење од две години.
На седницата на ИО, беше донесена и одлука, на порпарлот на Федерацијата и долгогодишен гимнастички работник, новинарот Димче Миновски да му се додели високото признание ,,Златник 100 години гимнастика во Македонија“ и плакета за придонес за афирмација на гимнастиката на медиумски план.

На свеченоста што потоа се одржа во хотелот ,,Слив“ во Виница, беа доделени награди и признанија на најдобрите гимнастичарки и гимнастичари како и спортски работници за 2014 година.

Со високи признанија се закитија поголем број од членовите на ДГС Партизан од Битола.
За најдобар гимнастичар во категоријата пионери во А лигата од ДГС Партизан Битола беше прогласен Марко Димовски. За освоено второ место во А-лигата во конкуренција на млади јуниори признание му беше доделено на Кристијан Кебаковски. За освоено трето место во оваа конкуренција признание доби и Никола Бошевски.

Иван Крстевски, моментно еден од најдобрите гимнастичари во Македонија, беше прогласен за најдобар сениор во А лигата, а втор во истата конкуренција беше Игор Ацевски.
Елеонора Димковски беше прогласена за најдобра гимнастичарка во А лигата во категоријата постари пионерки, а Сара Силјанова во истата конкуренција категорија беше трета.

Сосема заслужено за најдобра јуниорка во А лигата беше прогласена Љубица Илиевска, а Тамара Стерјовска беше втора.
Во конкуренција на сениорки Јулијана Саламова го освои третото место.
На свеченоста во Виница, претседателот на ФГСРМ, Љупчо Арнаудов додели над педесетина плакети и признанија на клубови, поединци, тренери, судии и спортски работници со што беше означен крајот на активностите во спортската гимнастика во Македонија за оваа година.

 

 

С.Р.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*