Home / Македонија / Говорот на омраза ги преплави интернет- порталите

Говорот на омраза ги преплави интернет- порталите

Во организација на Фондацијата “Конрад Аденауер“  и Здружението на новинарите на Република Македонија, изминатиот викенд во хотелот “Аурора“  во Берово, се одржа работилница за спречување на говорот на омраза на информативните веб-портали.

За време на дводневната работилница општ заклучок беше дека говорот на омраза во последно ги преплави интернет-порталите и во ситуација кога со закон не е регулирано работењето на интернет-порталите, говорот на омраза на порталите се шири со загрижувачка прогресија.

За разлика од тоа што во многу држави, каде се воведени регулативи со кои се одредуваат казни за говорот на омраза што е мотивиран од предрасуди или нетрпеливост и што е насочен кон одредени групи, чии последици често пати водат до поттикнување на расна и верска омраза, насилство или злосторство, во Македонија засега не е направен сериозен обид да се спречи говорот на омраза на интернет-порталите.

ZAN_2215

Напротив, многумина задолжителното регулирање на говорот во зависност од неговата содржина, го разбираат како негирање на фундаменталното право на слобода на говор.

Од друга страна, поддржувачите на регулативата за говор на омраза во медиумите тврдат дека правото на слобода на говорот не е апсолутно право. Таквите поддржувачи се повикуваат на Меѓународната повелба за граѓански и човекови права, во која јасно е дефинирано дека правото на слобода на изразување носи и обврски и одговорности и според тоа може да биде предмет на одредени рестрикции.

Поголем број од експертите, беше речено на работилницата, сметаат дека на говорот на омраза треба да се спротивстави говорот што е наменет да ја едуцира публиката и да ја искорени пристрасноста и да ги отстрани стереотипите.

За време на работилницата беше речено дека медиумите имаат многу важна улога во промовирањето на различностите, осудувањето на говорот на омраза, како и обврските на државата во однос на тоа. Тие имаат одговорност во креирањето на атмосферата на толеранцијата, но и самите можат да создадат нетрпеливост и насилство меѓу поединечни групи и преку говор на омраза.

Во настојуванњето да се спречи говорот на омраза, беше речено на работилницата, треба медиумските работници да се едуцираат за дефинирање и препознавање на говорот на омраза.

Слободата, која во моментот владее на интернет-порталите, покрај новинарите ја злоупотребуваат и граѓаните, кои со своите коментари под одредени текстови шират класичен говор на омраза.

Затоа се постави прашањето како порталите да се заштитат од таквите посетители, кои ја злоупотребуваат слободата на говорот и дали новинарите треба да ги селектираат коментарите на граѓаните.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*