Денеска, во Општина Битола се одржа десеттата седница на Советот на Пелагонискиот плански регион.
Се разгледаа и усвоија проекти што ќе бидат аплицирани од Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион на јавниот повик од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2015 година, а по истекувањето на мандатот на првиот човек на Советот на Пелагонискиот плански регион, градоначалникот на Битола, д-р Владимир Талески, на денешната седница, за нов претседател беше назначен градоначалникот на Општина Ресен, Ѓоко Стрезовски.
Градоначалникот на Општина Ресен, Ѓоко Стрезовски кој во наредниот период ќе раководи со Советот на Пелагонискиот плански регион истакна дека негов приоритет и обврска повеќе, ќе биде поголемо настојување на Советот за развој на Пелагонискиот плански регион да ги задржи континуитетот на соработка, извонредната хармонија по која беше препознатлив во изминатиот период, но воедно да се продолжи со реализација на многубројните започнати и најавени проекти особено кои треба да се реализираат од Бирото за регионален развој и од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој.
-Ќе аплицираме сите општини од Пелагонискиот регион, поголем број проекти од овој регион ќе дадеме максимум да се прифатат- истакна градоначалникот на Општина Ресен и нов прв човек на Советот на Пелагонискиот плански регион, Ѓоко Стрезовски.
Битолскиот градоначалник д-р Владимир Талески ја истакна одличната соработка со сите градоначалници кои партиципираат во Советот на Пелагонискиот плански регион и посочи дека во иднина ќе продолжи да се работи на изнаоѓање на нови форми и начини за зголемување на буџетот на Пелагонискиот плански регион.
– На денешната седница се усвои информација за проектите од Бирото за регионален развој, информација на проектите ГИЗ и друго- истакна битолскиот градоначалник Талески кој воедно му го честита изборот на новиот претседател на Советот на Пелагонискиот плански регион, Стрезовски.
Б.В.