Во рамките на посетата на Стразбур претседателот на Владата на Република Македонија и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вчера имаше обраќање и учествуваше во дискусијата на парламентарната група на Европската народна партија во Европскиот парламент.
Тој учествуваше на нивната координација и одговараше на повеќе прашања на присутните пратеници. Премиерот Груевски ги образложи позициите и гледиштата на Република Македонија по однос на повеќе актуелни теми и стратешките прашања на државата, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Премиерот Груевски истакна дека членството во Европската унија и во НАТО преставува недвисмислена стратешка определба на државата и интензивно се работи на реализацијата на понатамошни реформи кои ќе го унапредат процесот и подигнат на повисоко ниво.
Груевски посочи дека се преземаат мерки во повеќе општествени области чија крајна цел е исполнување на зацртаните критериуми, подобрување на квалитетот на работата и овозможување напредок на животот и стандардот на граѓаните. Истакна дека особено внимание се посветува и на економските реформи кои се значаен елемент во остварувањето на целта за поквалитетен живот на граѓаните.
Премиерот Груевски имаше средба и со генералниот секретар на Европската народна партија, Антонио Лопез-Истуриц, како и со потпретседателот на ЕПП и член на европскиот парламент Јацек Сариуш Волски.
На средбите тој истакна дека во насока на остварување на стратешките интереси е добредојдена и значајна поддршката од сите пријатели и партнери на Република Македонија кои отворено ги поддржуваат евроатланските интеграции. Премиерот Груевски се заблагодари на активното залагање и на Европската народна партија за напредок на процесите важни за Република Македонија.
Европската народна партија е најголемата политичка партија на европско ниво, и со најбројна група во Европскиот парламент. Таа е најголемата и највлијателна политичка партија на повеќе одлучувачки нивоа во ЕУ.