Home / Градска хроника / Изградено ново подрачно училиште “Коле Канински” во Поешево

Изградено ново подрачно училиште “Коле Канински” во Поешево

Деновиве,  официјално беше ставено во функција подрачното училиште на основното училиште  “Коле Канински” во битолското село Поешево.

Изградба на ново училиште иницираа токму  мештаните, а битолската  локална самоуправа обезбеди финансиски средства и ја реализираше постапката за успешно завршување на овој значаен проект.

Вредноста на инвестицијата изнесува два милиони и петстотини илјади  денари.

Училишниот објект како што информираа од локалната самоуправа  е монтажна комбинација, и истиот  има  цврста арматура, долга гаранција, нова дограма, нов мебел а  решено е и греењето во училиштето.

-Зградата во која што се наоѓаше училиштето беше руинирана. Една помошна зграда  честопати се  користеше за училишна  настава. Поешево е место кое се развива и по барање на мештаните решивме да изградиме ново училиште. Веќе пристигнуваат и донации за модернизирање на просторот. Ние сме во потрага на изведувач кој што ќе го уреди и дворното место- изјави градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески.

Директорката на училиштето Лидија Павловска се заблагодари до општината Битола, мештаните и донаторите за изградбата на подрачното училиште во Поешево.

-Вложувањето во образованието е влог во нашата иднина- изјави директорката на училиштето Лидија Павловска.

Училишниот објект  ќе биде дополнет и со надворешни содржини кои ќе го разубават просторот, како мултинаменско игралиште со детски реквизити, а ќе се направи и оградување на просторот и хортикултурно уредување.

 

Б.В.

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*