Јавното комунално претпријатие „Нискоградба“-Битола за десет часа на улиците од прв и втор приоритет фрли 100 тони сол и 70 метри кубни ризла.
Од ЈКП „Нискоградба“-Битола информираат дека навремените мерки и подготовеноста на механизацијата овозможија сите главни и споредни сообраќајници во градот утрово да бидат проодни и пристапни.
– Сите главни и споредни сообраќајници во Битола или како уште согласно програмата за одржување на улиците во зимски услови се нарекуваат улици од прв и втор приоритет, се чисти и проодни. Дејствуваме од четири пунктови, односно во градот од главниот стопански двор, а посебни пунктови имаме и во поранешните општитни Кукуречани, Цапари и Бистрица. Чистењето на сообраќајниците на територијата на општина Битола го вршиме со 12 камиони кои имаат соларка, нож и други градежни алатки за чистење на снегот, 4 трактори со комплетна зимска опрема и помала механизација. Во моментов нема непристапно место во Битола, иако падна многу снег, истакна Кире Крстевски, директор на ЈКП „Нискоградба“-Битола.
Од ЈКП „Нискоградба“-Битола порачуваат граѓаните непотребно да не ги користат своите приватни возила и да не ги паркираат на несооветни места со што би го спречувале редовното одржување и чистење на улиците во Битола.