Вработените во државната и јавната администрација можат да бидат спокојни ,бидејќи нема да има ниту реваншизам ниту бркање од работа.Ова доцна попладнево во Битола го изјави потпретседателот на СДСМ, кандидат за пратеник и дополнителниот министер за информатичко општетсво и администрација, Александар Кирацовски.
-Ве уверувам, завршува времето на реваншизам и делење на народот по партиски списоци. Работното место не смее да зависи и нема да зависи од тоа дали сте член на партија, дали сте се појавиле на митинг. Институциите ќе работаат исклучиво во служба на граѓаните. За секого ќе има можност за работа, никој нема да се чувствува непотребен, да биде вработен на хартија, а да нема столче каде да седне. Градиме држава во која што сечиј труд ќе биде вреднуван, истакна Александар Кирацовски и додаде:
-По 11-ти декември ќе создадеме соодветни услови за професионална, услужлива и трудољубива администрација. Вработените во државните институции ќе бидат мотивирани да ја извршуваат својата работа во служба на граѓаните, а не да бидат казнувани и уценувани како досега.
Никола Груевски заедно со Антонио Милошоски и Сашо Мијалков имаа 10 години да го подобрат нашиот живот, но тие единствено си го подобрија својот. Она по што вие ќе ја паметите оваа власт, се заканите и уцените врз вас, за вие да бидете нивни сигурни гласачи и кворум на митинзи, како и заплашувањата дека по смената на власта ќе има отпуштања. Бидете спокојни, нема да има отпуштања во администрацијата!
Кој ви го говори спротивното, го прави тоа од политички, лични или други причини, потенцира Александар Кирацовски.
Тој најави дека СДСМ ќе воведе работно време во две смени до 20 часот во клучните институции, што ќе им го олесни животот на граѓаните кои нема да мораат да излегуваат од работа или да земаат ден од годишен одмор или боледување, за да завршат административни работи.
-Каде што има превработеност, ќе ги насочиме вработените, според нивната стручност, кон јавните сервиси каде недостасува кадар, за подобри услуги на граѓаните. Ќе воведеме кариерен модел на напредување во работата, а казните од оценувањето ќе ги укинеме. Паралелно со создавањето ефикасна администрација, ќе создаваме услови и за развој на домашните фирми, кои ќе отвораат работни места. Новите работни места ќе бидат стимулирани со поддршката на бизнис секторот од 140 милиони евра кои заедно со останатите мерки за вработување ќе овозможат просечна плата од 30.000 денари, истана Александар Кирацовски во Битола.
Б.В.