На влезот од поранешната Касарна, од Здружението “За нас се работи“ денеска поставија транспаренти на кои пишува: “И овде некогаш имаше дрвја“ и на тој начин изразија жалење дека со градежната експанзија на тој простор направена е еколошка катастрофа во Битола.
-Денес на “Ден на дрвото“ секој оној кој се приклучи на акцијата и засади дрво онака како што сметаше, ние како Здружение во знак на мал протест одлучивме пред Касарната каде што некој намерно или ненамерно дозволи да се промени урбанистичкиот план на градот и сметаат дека е добро имотот во Касарната да се продава, но нас тоа не не интересира околу политиката, туку не интересира во тоа време кога се одлучи да се продава земјиштето во Касарната дека не се размисли дека треба да се исече овој дел од градот, поточно белите дробови на Битола- изјави, Дуле Груевски, еден од водачите на Здружението “За нас се работи“.
Кога се носеше урбанистичкиот план за Касарната, истиот помина низ неколку инстанци и во тоа време немаше никакви забелешки од страна на јавноста ниту на онаа експертската дека на тој простор ќе “влезат“ приватни инвеститори кои ќе градат објекти итн.
Напротив, тоа до некаде беше поздравено од граѓаните. На новинарско прашање, што во меѓувреме се менува, Груевски вели дека се менува свеста и дека во прво време не биле свесни дека толку ќе се наруши еколошкиот момент во овој дел од Битола.
– Но од друга страна на никого не може да му се замери што тогаш не сме реагирале како граѓани бидејќи сме немале доволно информации како тоа функционира или еколошката свест не била на ова ниво, но надлежните требаше први да не освестат што добиваме од сето ова а што е она што го губиме- смета Дуле Груевски.
Од пред Касарната уште еднаш ја повторија главната порака “Битола сака чист воздух“.
Од Здружението се надеваат дека во иднина нема да постават ваков транспарент на ниту еден дел од градот.
Инаку, денеска во просториите на Здружението “За нас се работи“ под Камен мост беше организирана и крводарителска акција, а граѓаните кои ги затекнавме таму ја поздравија акцијата со пораката “ За нас се работи“.
Од Здружението се презадоволни од одѕивот на граѓаните, информираа дека над 50 тина до 15 часот даруваа крв.
Б.В.