Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески вечерва соопшти дека утре во 7 часот почнува голема акција за заштита и враќање во првобитна состојба на коритото на реката Црна со која е предвидено поставување на 10.000 вреќи со песок.
Големата акција во која ќе се вклучат припадници на АРМ, претставници на јавните претпријатија од регионот и локалното население е со единствена цел да се обезбеди заштита од поплавување на општина Новаци, истакна министерот Јанакиески на вечерашната средба на регионалниот, пелагониски криезен штаб.
-Утре во 7 часот почнуваме голема акција во која ќе се вклучи Армијата на Република Македонија со над 250 војници, односно утре околу 300 лица ќе работат на два пункта на реката Црна каде што има излевање. Станува збор за селото Лознани и месноста Чарлија, а нашата цел е коритото каде што е пробиено, скинато, да се врати во првобитна состојба и за тоа е оваа обемна акција. Доколку успееме, тогаш целосно ќе ја спасиме општината Новаци од дополнително излевање на водата, посочи министерот Јанакиески.
За реализација на акцијата набавени се 10.000 вреќи, договорено е во повеќе населени места во општината Могила да се направат наноси, а ќе се ангажира и соодветна механизација.
На вечерашната средба на регионалениот кризен штаб на кој учествуваа градоначалниците на Битола, Прилеп, Новаци и Могила, претставници на јавни претпријатија и претставници на министерството за здравство, донесен е заклучок, претставници на јавните комунални претпријатија веднаш да остварат посети на населените места каде се користи индивидуално водоснабдување и да забранат користење на водата за пиење, а со помош на организацијата на Црвен Крст да се донесе чиста вода за пиење.
-Во четирите општини секојдневно ќе се врши контрола на водата за пиење за да не се случи загадување на истата, а донесовме и сет-мерки за периодот по повлекувањето на водата, односно да почне постапка за дезинфекција и дезинсекција на површините за што од утре ќе почне дистрибуција на информативни флаери (летоци) со цел да се овозможи подигнување на нивното на личната хигиена. Исто така здравствените инситуции веќе вршат посети во домовите и вршат здравствени прегледи на лица кои се затекнати во поплавените подрачја, потврди министерот Јанакиески.
Регионалниот пелагониски кризен штаб ќе заседава секојдневно до стабилизирање на состојбите со невремето и поплавите во овој дел од државата, беше посочено на вечерашната средба со новинарите во Битола.