Don't Miss
Home / Uncategorized / Непотизам

Непотизам

Во изминатата недела во фокусот на вниманието на битолската јавност беше “непотизмот “ на битолските политичари.

На удар на критиката се најде градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која според ВМРО-ДПМНЕ, во изминатите 100 дена, откако ја презела градоначалничката функција, единствениот проект кој го реализирала било вработувањето на нејзиниот брат.                          –

-Изминаа 100 дена од доаѓањето на новата локална власт во Битола на СДСМ во кои најголемиот проект кој го промовираше оваа власт беше вработувањето на братот на градоначалничката Наташа Петровска, проект кој не го ветија, а го реализираа, изјави на прес-конференција членот на Советот на Општината, советникот Иванчо Тошевски.

На ваквите критики од СДСМ возвратија дека ВМРО-ДПМНЕ има најмалку право и образ да зборуваат за непотизам, кога тие први во историјата на македонската политичка сцена на голема врата го воведија принципот на “фамилијарност”.

Токму поради тоа многумина Македонија во изминатите 12 години ја нарекуваа држава на фамилијата, каде со Македонија управуваа први братучеди, сватови, кумови…

Зборувајќи за непотизмот, координаторот на советничката група на СДСМ, Методија Илиевски, пред јавноста покажа документи од кои јасно се гледа дека  поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, во 2009 година како секретарка ја вработил неговата ќерка Марија Талеска-Мурговска во Ветеринарниот факултет во Битола, а другата ќерка Александра ја вработи во Бирото за развој на образованието. Зетот Александар Мурговски, Талески го вработил во А.Д. Мепсо, а во Јавното претпријатие “Комуналец” го вработил братот на зетот Александар, Игор Мурговски.

Актуелниот пратеник во Парламентот од опозициската ВМ­РО-ДПМ­НЕ, Зоран Илиоски, својата сопруга Билјана Илиоска во 2012 година ја вработил во АЕК Битола, братот Влатко Илиоски го вдомил во ЈКП “Водовод”- Битола, синот го вработи во СВР-Битола, снаата во УЈП, а неговиот татко Томе Илиоски е управител на Здружението на пензионерите во Битола.

Советникот Борче Димитровски, актуелен координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општината Битола, беше директор на Центарот за култура во Битола, а неговиот татко Антонио Димитровски, кој имаше правосилна кривична пресуда за време на тогашната власт, како управител на Адвокатското друштво Димитровски, беше правен застапник за ЈП “Стрежево“.

Пратеничката Лилјана Кузмановска, која е пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, додека беше на власт го вработи нејзиниот син Јован во 2011 година во ЈП “Водовод“-Битола, а во 2007 година, братот Наум Шапковски го вработи во ЈП “Стрежево”.  Поранешниот советник од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Хаџиевски, ја вработи сопругата Мирјана Хаџиевска во Општината Новаци, а неговиот чичко Томе Аџиев беше претседател на Комисијата за верификација на факти. Кумот на Игор Хаџиевски, Сашо Стаматов беше директор на ЈП “Пазари“, а неговата сопруга портпаролка во СВР Битола.

Во време кога директорка на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, беше  Емилија Ѓероска, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, нејзиниот сопруг Марјан Ѓероски најпрво беше секретар на Општината Битола, а потоа стана директор на ЈП “Стрежево“, а Ѓероска  во Пелагонискиот регион за свој возач го ангажира својот брат.

Поранешната советничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општината Битола, Виолета Ковачевиќ во 2015 година, беше вработена во РЕК “Битола”.

Во Рударско-енергетскиот комбинат “Битола” е вработен и нејзиниот сопруг Синиша Ковачевиќ.

И поранешниот директор на РЕК “Битола”, Јовко Крстески кој кога беше на власт претходната владејачка гарнитура, го вработи во 2010 година, синот Владимир Крстески во ЈП “Стрежево“ како информатичар.

Екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Бошевски, кога беше прв кадровик, неговата сопруга работеше во Клиничка болница-Битола, а ќерката во ЈП “Нискоградба“.

Има уште многу примери на класичен непотизам што го спроведуваше претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, вели координаторот на СДСМ во Советот на Општината Битола, Методија Илиевски, според кого во наредниот период јавноста ќе биде информирана уште за десетици блиски роднини вработени во јавната и државната администрација од страна на политичарите кои беа и се на чело на ВМРО-ДПМНЕ.

-Иронија, а и чист цинизам е ВМРО-ДПМНЕ да зборува за непотизам со вработувањата во Битола. За тоа кои се беа вработени и се вработуваа во Битола не треба ние од СДСМ да им    зборуваме. Тоа најдобро го знаат нивните членови, кои добро знаат дека во времето додека тие беа на власт вработувањето се одвиваше по принципот прво нашите деца да се вработат, а  потоа тие што ќе платат, вели Илиевски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*