Don't Miss
Home / Uncategorized / Нивите полни со вода, амбарите суви

Нивите полни со вода, амбарите суви

Наскоро ќе влезам во деветтата деценија од животот, но, колку што ме служи помнењето, не се сеќавам во зима да сме имале вакви поплави, со овие зборови земјоделецот Пецо Р. од Новаци раскажуваше за маките со кои земјоделците од Пелагонија се соочуваат деновиве, по големите поројни дождови и поплави.
– Обично Пелагонија била поплавувана во првите денови од пролетта, кога се топеле снеговите. Но на вакви ситуации не се сеќавам. Што да речам, божја волја. Ние селаните сме господови чеда и нашата мака или бериќет, во најголем број случаи, освен од работата, зависат и од волјата господова – додава Пецо.

Сегашната слика многумина во околината ги потсетува на 1961 година, кога Пелагонија беше под вода и кога од големите водни бранови паднаа мостовите кај селата Брод и Скочивир.

CRNA_002

 

 

Штетите огромни

 

Деновиве атарот на Новаци, Кременица, Гнеотино до Егри, личи на големо езеро во кое можат да пловат и кајчиња. Постарите жители велат дека вака изгледало некогаш Пелагониското блато, пред да се исуши.
Околу 2.000 хектари земјоделска површина, посеани со пченица и со јачмен, се речиси уништени, а под вода се и огромни површини посеани со пченка и со маслодајна репка. Доколку во наредните денови не се подобри времето, сѐ ќе биде уништено, а посеаните површини, според лидерот на Сојузот на земјоделците на Македонија, Вељо Тантаров, ќе мора да се преораат и да се посеат одново. Од врнежите најмногу настрадаа површините на земјоделскиот комбинат „Пелагонија”, дури 1.700 хектари, а преостанатите се на индивидуални земјоделци.

– Поради големите количества вода неблагодарно е да се каже како ќе се одразат поплавите на површините посеани со пченица и со јачмен – вели Тантаров.
Според него, штетите од поплавите допрва ќе се утврдуваат, но смета дека ќе бидат огромни, особено ако во наредните денови не престанат да паѓаат дождови и не се стопли времето.
„Битолско поле” немоќно против поплавите.

 

Иако во минатата година новоформираното јавно претпријатие „Битолско поле” со скромната механизација ги чистеше каналите, тоа не беше доволно да се спречи излевањето на водите во Пелагонија.
– Со механизацијата со која располагаме до некаде ги исчистивме каналите, но главен проблем е што тоа не го сторија индивидуалните земјоделци и сега каналите од секундарната мрежа, наместо да ги носат водите до нашите канали, се излеаја – вели Јане Ралевски, директор на „Битолско поле”.
Во општината Новаци прават сѐ да ги спречат поплавите и да ги намалат штетите.

 

 

– Состојбата е навистина загрижувачка. Над 1.000 хектари од Новачкото поле се под вода. Најалармантна е состојбата во Брод – Гнеотино, Агларци, Далбеговци. Добро е што со насипите што ги подигнавме успеавме да ги заштитиме од поплави населените места. Штети ќе утврдуваме откако ќе се повлечат водите, но изгледа ќе бидат големи. Покрај земјоделските површини, од поројните дождови настрада и патот Брод – Гнеотино, во должина од 1,5 километар, кој го изградивме минатата година – вели градоначалникот на Новаци, Лазар Котевски.

 

 

Иако во ваква ситуација никој или многу мал број луѓе размислуваат за тоа како да се елиминираат можностите од вакви поплави, сепак Сојузот на земјоделците веќе има план како да ја заштити Пелагонија од поплавите.

 

 

– Кога ќе се формира јавно претпријатие македонски води, кое ќе располага со буџет од 200 милиони евра, околу 5 милиони евра ќе бараме да бидат наменети за ЈП „Битолско поле”, за набавка на градежна механизација за редовно одржување и чистење не само на главните канали во Пелагонија туку и на секундарната мрежа – вели Тантаров.

 

 

Наедно, во Сојузот на земјоделците се размислува поради штетите од поплавите да се побара земјоделците во пелагонискиот регион да бидат ослободени од плаќање надомест за одводнување.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*