Денеска СДСМ до Основното јавно обвинителство во Битола поднесе кривична пријава против градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески и непознат сторител.
-Кривичната пријава произлегува од конечниот Извештај на Државниот завод за ревизија за работата на Општина Битола за 2011 година, изјави претседателот на општинската организација на СДСМ и пратеник Васко Ковачевски.
На прес-конференцијата, Ковачевски нагласи дека наводно при контролата, државниот ревизор утврдил низа неправилности и незаконско постапување на пријавените.
-Со противзаконското трошење парични средства од Буџетот на Општина Битола, направена е вкупна штета по сите точки од кривичната пријава од 15.299.000,00 денари.
Станува збор за исплата на средства без донесување годишен план и програми, исплата на надоместоци и средства спротивно од Законот за државни службеници и Законот за локална самоуправа. Очекуваме Обвинителството да преземе активности согласно неговите должности утврдени со закон- нагласи Ковачевски притоа додавајќи:
-Извештајот на Ревизорот за незаконско работење на Талески е уште една потврда на она што ние постојано го говоревме за огромните задолжувања и неразумните трошења на народните пари – истакна на прес-конференцијата пред Основното јавно обвинителство, Васко Ковачевски.
Б.В.