Со врачувањето на наградите на најуспешните претстави во Битола беше спуштена завесата на 17. издание на интернационалниот Фестивал на монодрама, кој од 24 до 28 април се одржа во Центарот за култура во Битола.
Највисокото признание на Фестивалот наградата “ Гран при “ ја доби хрватската актерка Весна Томинац- Матачиќ од “Загребачкото глумачко ателље“, за изведбата на преставата “ Јас што имам невини раце” по адаптација на текстовите на Весна Парун, а во режија на Иван Лео Лемо.
Наградата гран при ја врачи претседателот на меѓународното стручно жири, рускиот актер Јуриј Назаров. Наградата на публиката му припадна на српскиот актер Иван Томашевиќ кој ја изведе монодрамата „Зоран Радмиловиќ”.
На интернационалниот фестивал на монодрамата чиј домаќин и организатор беше Битолскиот Центар за култура, годинава учествуваа 11 монодрамски претстави во официјална конкуренција и 3 надвор од конкуренција, а ги изведоа актери од Романија, Израел, Русија, Србија, Хрватска, Бугарија, Украина, Турција, Велика Британија и од Македонија. На фестивалот учествуваа и три македонски претстави .
Од Центарот за култура кои се организатори на Фестивалот се задоволно како помина 17 издание на овој интернационален фестивал во Битола.
-Сумирајќи ги впечатоците од годинашното 17. издание на Интернационалниот Фестивал на монодрамата, имавме едно одлично издание а тоа се должи на огромната бројка на посетители, над илјада и петстотини во петте фестивалски денови, а радува и одличната посетеност од страна на публиката за претставите во официјална конкуренција, монодрамите за кои Фестивалот всушност и постои. Како организатори сме задоволни од сите учесници на Фестивалот, од стручното жири, од селекциите на претставите што ја направи актерот Петар Мирчевски кој е селектор на Фестивалот, а воедно од публиката за која постои Фестивалот на монодрамата. Ова е единствениот фестивал што ја промовира монодрамата како форма и еден од најстарите на Балканот и не радува фактот дека публиката од година во година се повеќе го следи и го поддржува. Сега имаме дополнителен предизвик идното 18. издание на Фестивалот на монодрамата догодина да биде уште поуспешно- изјави првиот човек на Центарот за култура од Битола, Борче Димитровски.
Во чест на наградените, во тек е изведбата на театарската претстава „Не се клади на Енглези” на Владимир Ѓорѓевиќ, во режија на Синиша Ефтимов, а настапуваат актери од МНТ-Скопје.
Досега на Фестивалот на монодрамата во Битола се претставиле над 50 држави од целиот свет.
Б.В.