Викендов беше избран новиот Извршен комитет на партијата, но, партиски членови велат дека нема вистински промени, без смена во раководството.Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ викендов, едногласно го избра новиот Извршен комитет (ИК), во кој ги нема долгогодишните членови и најблиски соработници на лидерот Никола Груевски, ексминистрите Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и Владимир Пешевски, како и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.
На чело на партијата останува Никола Груевски, а во ИК и понатаму се актуелните пратеници Илија Димовски, Даниела Рангелова и Антонио Милошоски.
Партијата соопшти дека промените во ИК не се поврзани со истрагите на СЈО, но, Сашо Мијалков, преку Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, ја информираше јавноста дека ја става во мирување политичка активност „за да завршат судските постапки кои се во тек“, а за кои, кај него „постои убедување дека ќе се докаже вистината“.
Кадровските промени, како освежување во партијата, Груевски за првпат ги најави веднаш по изборите, во декември минатата година, а најавата ја повтори и во јуни, на 27-иот роденден на партијата.
Кадровското освежување во партискиот врв доаѓа во периодот на подготовки за локалните избори, и според дел од проопозициските медиуми, главното партиско тело сега ќе биде составено од нови кадри, но, и од докажани партиски функционери, кои во баланс на искуството и амбициите, треба да остварат успех на октомвриските избори
Медиумите, блиски до ВМРО-ДПМНЕ, потенцираат дека во Извршниот комитет сега членуваат еминентни професори, угледни граѓани и експерти во својата област, и дека и покрај скептицизмот „предизвикан од скромниот политички опит на некои од новите членови на ИК“, е забележлива комбинација на политички искусни кадри и докажани професионалци во своите области, со значително влијание, пошироко од партиската база.
Нов генерален секретар на партијата е професорот Христијан Мицкоски, а во новиот ИК се избрани, меѓу другите: Александар Ѓорѓиев, кој во изминатите пет години беше портпарол на Владата, Ане Лашкоска, инженер, пратеник во Собранието од 2011, Анета Стојановска-Стефанова, професор на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Игор Г. Николов, кој докторирал на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Пјер и Марија Кири“ во Париз, Дејан Јовановски, кошаркарски ексрепрезентативец, Џери Наумоф, претставник на македонската емиграција во ЦК, кој беше министер за странски инвестиции во Владата на ВМРО-ДПМНЕ, правникот Славчо Трпевски, директор на Агенцијата за катастар и недвижности,, Дијана Транталовска, членка на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Србов, историчар, еден од иницијаторите на „Стоп операција Сорос“, лекарот Сеад Солаковски, граѓанскиот активист Богдан Илиевски од иницијативата „За заедничка Македонија“ и претставникот на бошњачката заедница д-р Зеќир Рамчиловиќ.
Но, дел од актуелните и поранешните членови на ВМРО-ДПМНЕ, се децидни дека нема вистински промени во партијата, без промени во раководството.