Проф. д-р. Сашо Коруновски, кандидат на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид е нов ректор на Универзитетот” Св. Климент Охридски “ во Битола.
На денешното Изборно собрание на Сенатот на Универзитетот, кое се одржа денеска во Битола, дури во вториот круг на гласање, проф. д-р. Сашо Коруновски доби доволен број на гласови од сенаторите за да биде избран за нов ректор.
Тој во вториот круг на гласање освои 26 гласови, наспроти 17, колку што освои проф. д-р. Јованка Тутевска, која беше кандидат на Високата медицинска школа Битола и Науичниот институт за тутун – Прилеп.
Инаку, во првиот круг на гласање, ниту Коруновски, ниту Тутевска не освоија доволен број на гласови за да бидат избрани за ректор, па затоа се премина на втор круг на гласање, во кој сенаторите му ја дадоа довербата на д-р. Сашо Коруновски.
На конкурсот за избор на нов ректор на Битолскиот универзитет беа пријавени вкупно 6 кандидати, но четворица од нив пред самото одржување на седницата на Сенатот ги повлекоа своите кандидатури, па така во најтесниот избор за нов ректор влегоа само проф. д-р. Сашо Коруновски и проф. д-р. Јованка Тутевска.
Инаку, во изминатите осум години ректор на Универзитетот “Св. Климент Охридски” во Битола беше проф. д-р. Златко Жоглев, кој на оваа функција дојде од Педагошкиот факултет.
Б.В.