Во врска со изнесените наводи на денешната прес- конференција на пратеникот на СДСМ, Васко Ковачевски со реакција се јави АД ЕЛЕМ.
-СДСМ во обид политички да поентира долго време најавува колапс на РЕК “Битола” што никако да се случи, а за тоа сведочи целата македонска јавност. Термоблокот за кој зборуваат е потполно технички и технолошки функционален и подготвен да влезе на мрежа согласно потребите од електрична енергија на електро енергетскиот систем. Уште помалку станува збор за некоја наводна „еколошка катастрофа” бидејќи турбинското масло кое, патем е во далеку помали количина од оние што ги наведуваат, целосно се наоѓа во системот на термоелектраната и нема било каков допир со вработените во комбинатот, ниту пак со животната средина.
Сосема несериозно е да се зборува за било каква опасност по постројките, околината и здравјето на вработените, ако се има предвид високото ниво на техничко – технолошка заштита која е инсталирана на секој од блоковите на РЕК„Битола”,а најмалку има потреба од некоја „вознемиреност” во РЕК„Битола” или пак во ЕЛЕМ, бидејќи сите три блока на термоелектраната се наоѓаат во погонска подготвеност да одговорат на барањата и потребите на електроенергетскиот систем.
Исклучувањето на блоковите во РЕК„Битола” поради потребата од одреден технички зафат и планско и тековно одржување на опремата во изминатите повеќе од три децении биле неодминлив дел работењето бидејќи станува збор за исклучително сложен и комплексен процес на производство во кој се обединети многу техничко технолошки компоненти, но комбинатот обезбедува високо ниво на функционирање во севкупниот производен процес согласно востановени протоколи, каде во секој случај најприоритетна е безбедноста на вработените.
Во предметниот период за кој зборува СДСМ нема дополнителен увоз на електрична енергија, надвор од оние количини што согласно законот за енергетика го увезува АД ЕВН за покривање на техничките загуби во дистрибутивната мрежа.
АД ЕЛЕМ, речиси три години не увезува електрична енергија затоа што ниту има интерес да го прави тоа, ниту има таква законска обврска.
Постојните производни капацитети во целост ги пласираат најавените количини на електрична енергија кон електроенергетскиот систем. Во изминатиот период домашното производство е целосно прилагодено врз потребите од електрична енергија на оваа категорија потрошувачи, а најголемиот дел од потребите се обезбедени од енергетски капацитети на „Електрани на Македонија”, се вели во реакцијата на АД ЕЛЕМ
Б.В.