Во Битола не стивнуваат протестите организирани од Граѓанската иницијатива “Протестирам” , откако претседателот на државата Ѓорге Иванов ја донесе одлуката за аболиција на македонски политичари од власта и опозицијата.
По Скопје, “Шарената револуција” се пресели и во Битола.
Демонстрантите ја обоија фасадата на општинската зграда фрлајќи со балони со различна боја.
Претходните денови, приврзаниците на “Протестирам“ преку протести, блокирање на сообраќајници во градот, остро се спротиставуваат и за одржување на закажаните предвремени парламентарни избори закажани за петти јуни. Единствено што бараат е повлекување на аболицијата, оставка на претседателот Иванов, оставка на градоначалникот на Битола, Талески и темелни системски реформи во државата.
Од Граѓанската иницијатива “Протестирам“ освен со протест пред општинската зграда, револтот го изразуваат и со прекин на сообраќајот на Булеварот “1 Мај“ и негодувања против локалната и централната власт.
Речиси секојдневно се блокираат сообраќајници, а демонстрантите се заканија дека ќе останат по улиците се додека не се исполнат нивните барања.
-Самите да мислиме со сопствените глави, а не други да мислат за нас. Борбата треба да биде антисистемска против овој систем на вредности, економска, политчка и социјална. Не од утре, не за подобри времиња, туку од денес, ако сакаме да изградиме подобра држава – порачуваат незадоволните битолчани, а приврзаници на “Протестирам“.
-Не се плаќа со ништо она што ни го зеде власта за овие 12 години, ни го уништија градот, ни ги избркаа граѓаните извикуваа демонстрантите. Протестантите по кусата неделна пауза, кога немаше организирани протести ниту од нив, ниту од Граѓанското движење ГДОМ, истакнаа дека и во следните денови ќе го изразуваат револтот преку протести се до конечно исполнување на нивните барања.
Б.В.