Некои рекле. Надежта последна умира. Но на само ден пред испраќањето на старата 2014 и дочекот на новата 2015 година и надежта почна да ги напушта штедачите на ТАТ.
Деновиве за најголемиот број штедачи на најголемата пирамидална штедилница умре и последната надеж дека ќе дојдат до своите заштеди.
Деновиве од судот во Стразбур “ татовци “ добија “новогодишна честитка” дека нивната тужба против Република Македонија е одбиена и нема да се разгледува.
Иронијата да биде поголема и оваа тужба на Здружението на необештетени штедачи во Стразбур, како и во судовите во Македонија е одбиена од формално правни пречки и процедурални пропусти.
Таквото известување од Стразбур најголемиот број од необештетените штедачи на ТАТ ги погоди повеќе дури од 1997 година, кога ревизорот на Народната банка на Македонија, Газменд Кадриу му стави клуч на штедилницата и истата ја затвори.
Иако упорните штедачи на ТАТ, не се предаваат и велат дека ќе се борат се додека постојат и минимални шанси да дојдат до своите пари, сепак се чини дека полека, но сигурно и нив ги напушта надежта, дека ќе дојдат до своите пари.
Тоа што потешко од губењето на парите им паѓа на “ татовци “е што тие за сите овие 17 години не само што не дојдоа до своите заштеди, туку не дојдоа и до вистината каде отидоа нивните пари.
Во изминатите 17 години, по пропаѓањето на штедилницата ТАТ , која од страна на сите власти во Република Македонија беше окарактеризирана како најголем организиран криминал и октопод, се одржаа стотици протести на штедачите, се направија неколку вештачења, завршија судските процеси кои се водеа против сопственичката Соња Николовска и другите инволвирани во аферата, изумреа над 1.000 штедачи, се сменија тројца стечајни управници и гувернери, бројни министри за финансии, на власт дојдоа неколку политички гарнитури, но за жал не се откри вистината по која сите овие години трагаа(т) штедачите, каде завршија нивните штедни влогови.
Ниту сите власти, ниту истрагите на сите истражни органи, судиите, ни бројните експерти и вештаци, политички лидери, не само што не утврдија каде отидоа парите на штедачите, туку не се дозна ни кој е виновникот за пропаѓањето на некогаш “ најдобрата “ штедилница во државата.
Ниту неколкуте самоубиства, бројните смртни случаи колективната депресија на битолчани, изгубените животи и надежи не беа доволен мотив никој од надлежните истражни судски власти, или државни органи да се зафатат со расчистување на криминалот кој се случи во ТАТ.
Иако во март 1997 година тогашната власт на СДСМ, предводена од Бранко Црвенковски, и опозицијата на чело со лидерот Љубчо Георгиевски, во сите нивни јавни настапи ветуваа дека ќе расчистат со криминалот во ТАТ, па макар во него да е смешан и св. СДСМ, сепак за жал на илјадниците штедачи никој не се зафати со негово расчистување.
За “ татовци “ слаба утеха е што сопственичката на ТАТ, Соња Николовска одлежа само нешто повеќе од 3,5 години затвор за кривично дело даночно затајување.
Судскиот процес што се водеше во Охрид против неа за измама на десетиците илјади штедачи, никогаш не заврши и не даде одговор на прашањето кое сите штедачи ги тишти сите овие години, каде отидоа нивните пари.
Многу политичари , направија политички кариери на случајот ТАТ (зло)употребувајќи го во сите изборни циклуси, но никој од нив не се зафати со расчистување на најголемиот криминал во државата.
Тоа што “ законски “ стечајот е “ затворен “ ниту е, ниту може да биде алиби за нерешавањето на овој случај.
На случајот ТАТ, во кој настрадаа илјaдници штедачи паднаа сите досегашни власти во Република Македонија.
Ниту СДСМ, во чиј мандат се случи ова афера, ниту пак ВМРО- ДПМНЕ, не влегоа сериозно и докрај во расчистување на криминалот во штедилницата.
Се остана само на декларативни заложби и празни ветувања.
Што е тоа што ги спречи надлежните истражни и државни органи, како и политичките партии да не се зафатат со расчистувањето на оваа афера и еднаш засекогаш да ги изведат пред лицето на правдата сите инволвирани лица кои ограбија над 12. 000 штедачи останува непознато.
Тоа најмногу ги боли “ татовци “ многу повеќе дури и од губењето на парите.
Парите некако ќе се прежалат, но многу тешко ќе се заборават, или прежалат илјадниците штедачи кои покрај парите ги загубија своите животи од губењето на парите.
Иронијата да биде поголема сега истата судбина ја доживуваат нивните внуци, кои по нивната смрт ги наследија нивните заштеди.
Битола и битолчани во два наврати масовно ги изгубија своите заштеди. Првиот пат со пропаѓањето на банките кога остана без своите девизни заштеди и вториот пат во март 1997 година со пропаѓањето на ТАТ, кога над 12.000 штедачи загубија по некои проценки повеќе од 120 милиони марки.
Судот за човекови права во Стразбур беше последната надеж на “ татовци” дека ќе дојдат до парите.
Тоа што нив потешко од губењето на парите им паѓа е губењето на надежта.
Ако ја изгубат и неа, тогаш за многумина од нив тоа ќе биде крај на светот.
Автор: М.Младеновски