Туристички волонтерски тим, чија главна цел ќе му биде да им помага на туристите кои ќе ја посетат Битола, е најновиот проект на Општината Битола. Тимот ќе учествува во анимирање на туристите, како и логистичка поддршка за нив како при купување, посета на значајни места и настани, превоз, медицинска помош и слично.
-Од разговорите меѓу угостителите, хотелиерите, туристичките работници и луѓето кои се занимаваат со туризам се констатира дека постои празнина во делот на туристичка понуда во делот на презентирањето на објекти и настани на туристите кои немаат доволно информации каде се наоѓаат, каде да се купат намирници итн. – информира Тодор Ивановски, одговорен за проектот во Општината Битола.
Формирањето на туристички волонтерски тим е само една од многуте активности кои Општината Битола планира да ги спроведе за развој на туризмот во нашиот град.
-Туристичкиот волонтерски тим ќе биде наспроти Саат кулата и се надеваме дека наскоро ќе го активираме и туристичкиот информативен центар. Верувам дека ова е интересно за сите, а коментарите кои доаѓаат од граѓаните се позитивни – додава Ивановски.
За туристички водич може да се пријави секој заинтересиран на возраст од 15 до 21 година кој знае да говори англиски или некој друг странски јазик, кој сака да се запознава и да се дружи со нови личности и кој сака да биде промотор на својот град Битола.
Инаку, формирањето на туристички волонтерски тим е дел од програмата на Општината Битола за развој на туризмот 2015 година.
Б.В.