Don't Miss
Home / Вести / Јавните претпријатија се „дават“ во долгови

Јавните претпријатија се „дават“ во долгови

Сите битолски јавни претпријатија освен ЈП „Нискоградба“ се „дават“ во долгови. Ова беше констатирано на денешната седница на Советот на Општина Битола, на која на Дневен ред се најдоа завршните сметки на јавните претпријатија.

Во најтешка финансиска ситуација се јавните претпријатија „Водовод“ и „Комуналец“ кои веќе подолго време се соочуваат со загуби во финансиското работење.

ЈП „Комуналец“ во завршната сметка за минатата 2023 година, прикажа загуба во работењето во висина од 24 милиони денари.

Според советниците на ВМРО-ДПМНЕ причината за ваквата загуба е зголемувањето на платите за вработените во два наврати и наследен долг од кредит подигнат во 2018 година кога со претпријатието раководеше кадар на СДСМ.

-И покрај прикажаната загуба, јавното претпријатие „Комуналец“ редовно им исплаќа плата на вработените и редовно ги подмирува ратите за кредитот подигнат во 2018 година кога претпријатието го раководеше директор на СДСМ. И покрај тешката финансиска ситуација во која се наоѓа претпријатието, сепак, ЈП „Комуналец“ покрај редовната исплата на платите и ратите за подигнатиот кредит, редовно ги исплаќа обврските и спрема доверителите, што покажува дека актуелното раководство работи домаќински и одговорно-рече на денешната седница советничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Павловска.

На седницата, остри критики на работењето на јавното претпријатие „Комуналец“ искажа советникот на „Поинаку“ Иван Чулакоски кој нагласи дека во извештајниот период речиси ништо не е направено за проектот „Go green“ кој Советот на Општина Битола едногласно го поддржа и за проектот издвои значајни финансиски средства.

-На Битола и треба засадување на илјадници нови дрвја коишто ќе придонесат да се подобри проблемот со загадувањето на градот. „Комуналец“ ни прикажува само тековно засадување на садници, а нема ништо од проектот „Go green“ што беше замислено во рамки на тој проект да се набави ново возило-рече советникот на „Поинаку“ Иван Чулакоски на денешната седница на Советот.

На забелешките на дел од советниците во Советот за прикажаните загуби во завршната сметка за минатата година, директорот на ЈП „Комуналец“ Горан Степановски истакна:

-Наплатата на побарувањата од правни субјекти и домаќинства се движеше со процент од 80% до 85%, односно собрани се 140.524.417 денари и со тие средства се исплатени плати на вработените, кои двапати во 2023 година беа зголемувани. Првото зголемување беше со зголемувањето на минималната плата по 2.175 денари по вработен и второто зголемување по 10% на вредноста на бруто бодот. Платите во вкупните трошоци учествуваат со 60% за разлика од минатата година кога процентот беше 52%. Кај другите трошоци во минатата година може да се увиди дека се намалени, а трошоците за донации, репрезентации и спонзорства се сведени на минимум. Во делот на приходите нема некои видливи отстапувања. Сето ова доведе до искажување на загуба во работењето од 24.140.335 денари-вели првиот човек на ЈП „Комуналец“ Горан Степановски и додава дека за работењето на претпријатието на терен најдобар показател биле сработените и надминати планови и програми усвоени од Советот на Општина Битола за одржување на јавното зеленило и јавната чистота во Битола.

-Се работеше на 135 објекти со вкупна површина од 586.293 м2 за одржување на јавното зеленило и на 85 објекти за одржување на јавната чистота. По двата планови сработено е за износ од 102.322. 086 денари а собраните средства по сите основи се 75.483.589 денари, што значи дека 26.838.497 денари се на трошок на јавното претпријатие-појаснува Степановски.

Васка М.Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*