Home / Вести / 22 новозаболени од “Ковид 19“

22 новозаболени од “Ковид 19“

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче на денешната редовна прес-конференција информираше дека се дијагностицирани 22 нови пациенти со коронавирус, со што вкупната бројка во моментов изнесува 136 лица, при што посочи дека во текот на ноќта на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина 63 годишен пациент од Дебар, по нагло влошување на клиничката состојба. Тој бил хоспитализиран на Клиниката на 17 март без покачена температура, со наод на белите дробови.

„Во текот на вчерашниот ден по влошување на состојбата е направена реанимација којашто иницијално била прифатена, поставен бил пациентот на респираторна машина, но по неколку часа состојбата дополнително се влошила и тој починал. Пациентот не дал податок, ниту тој ниту семејството, дека имал некој коморбидитет. Инаку, од новите 22 случаи на коронавирус во нашата земја, 15 лица се од Скопје, 4 лица од Дебар, 2 од Куманово и 1 лице од Охрид. Со тоа вкупната бројка дијагностицирани пациенти со овој вирус денеска до 12 часот изнесува 136 од кои еден е излекуван, а двајца пациенти се починати“, информираше министерот Филипче.

Тој посочи дека според местото на живеење досега случаи на коронавирус се регистрирани: во Скопје 81, Дебар 40 од кои едно е починато, Штип 7, Куманово 3 од кои едно е починато, Кавадарци 2 случаи, Охрид 2 случаи и Гостивар 1 случај.

Инаку, на Инфективната клиника, денеска се прават шест контролни брисеви на пациенти кои се веќе хоспитализирани, од кои тројца пациенти се во потешка состојба, еден во средно тешка, и двајца пациенти се со лесна клиничка слика. Испитувањата се прават согласно времето кога се примени на Клиниката, кога се тестирани и со оваа анализа ќе се покаже дали се уште се носители на вирусот, без разлика на формата и клиничката состојба.

Министерот информираше дека кај сите лица во врска со Клиниката за кожни болести веќе е поминат периодот на инкубација од 14 дена и во моментот се прави распоред и план сите тие да се тестираат во претстојните денови, со цел да се вратат на работното место.

„Од денеска се во функција 14-те центри за тестирање на територијата на целата земја, за земање на брисевите, тие се веќе објавени на сајтот на МојТермин и со ова практично во функција ги ставаме сите. Секој граѓанин со или без симптоми може да се јави кај својот матичен лекар, каде ќе ги каже своите симптоми по епидемиолошка анкета. Согласно податоците матичниот лекар веќе има електронски алгоритам кој ќе укаже на тоа дали е потребно тестирање или не, и доколку е потребно кој е степенот на итност. Со тоа преку системот Мојтермин ќе се закаже соодветно време во кое што ќе биде земен брисот, во еден од 14-те пунктови ширум државата, или овде кај нас во Скопје во пунктовите Јане Сандански и Ченто“, посочи министерот Филипче.

Тој информираше дека утрово е одржан состанок на Комисијата за заразни болести и на Главниот кризен штаб во Владата на кои било разговарано за дополнително зајакнување на мерките кои пред сѐ се однесуваат на граѓани кои се во ризична група, а тоа се граѓаните над 65 години, како најризична група со најмногу компликации според објавените публикации од земјите во светот, и младите до 18 години кои се преносители на болеста.

Овие дополнителни мерки ќе бидат дискутирани на денешната седница на Владата, а јавноста ќе биде информирана по завршување на седницата.

Во однос на терапијата со оглед на тоа дека се излезени повеќе студии од веќе аплицирана терапија во светот, министерот извести дека е обезбедена целата терапија за голема бројка на пациенти во нашата земја.

„Станува збор за комбинација на терапија која досега во повеќе публикации укажува на тоа дека дава добри резултати во лекувањето на овие пациенти и согласно процедурата кај нас, протоколот за лекување треба да се прифати на стручниот колегиум на Клиниката за инфективни болести, што веќе се направи, и денеска или веќе утре треба да се заврши формално-правната постапка за добивање дефинитивна дозвола за употреба на оваа комбинација на терапија од Агенцијата за лекови МАЛМЕД, по што веднаш ќе биде аплицирана на сите пациенти каде е тоа индицирано. Станува збор за терапија за која допрва ќе се прават клинички студии, но веќе многу земји ја ставија во протоколите со оглед на тоа што даде добри резултати во повеќе земји кај многу пациенти со навистина добри резултати, заради што ние го правиме истото“, информираше министерот Филипче.

Во однос на потребата за продолжување на инсулинската терапија, појасни дека секој пациент што има дијабетес и зема инсулин, може да го продолжи рецептот телефонски кај докторот што го води, и инсулинот директно да го подигне во инсулинската аптека, односно да не оди на лекар специјалист.

Инаку, во однос на состојбата со дијагностицирани пациенти, тој посочи дека во изминатите 24 часа се дијагностицирани 7 пациенти помалку, што е охрабрувачко, но не треба да се заборави дека се уште сме во тренд на зголемување на бројот на пациенти и дека мерките мора да се почитуваат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*