Home / Вести / 760 првооделенци почнаа со настава

760 првооделенци почнаа со настава

Над 760 првачиња денес ја започнаа учебната година во битолските основни училишта. Градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, заедно со генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, беа дел од првиот училишен ден на првачињата во ОУ „Стив Наумов“ во Битола. Симболично, со нагледни средства за работа, градоначалничката им посака успех во патот на школувањето на најмладите, кои возбудено ја дочекаа средбата со своите наставници.

„Првиот училишен ден е еден од најзначајните за децата и токму во оваа прилика сакам на сите првоодделенчиња во Општина Битола да им го честитам почетокот на нивното школување, да им посакам добро здравје, успех, да станат вредни и квалитетни граѓани, кои што ќе се вклопат во општествената заедница и ќе придонесат за развој на нашата земја. Им посакувам успешен почеток и на сите други ученици, на денот кога го започнуваат овогодинешното школување“, рече градоначалничката Петровска.

Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, истакна дека ова акционерско друштво заедно со подружниците РЕК битола и РЕК Осломеј активно се вклучува во почетокот на учебната година со акцент на првоодделенците.

„Симболично на најмладите им подаривме мали подароци, со пораки како да ја чуваме природата, како да ја чуваме нашата животна средина и како да се грижиме за иднината, со акцент на обновливите извори на енергија. Моето задоволство е уште поголемо, затоа што и јас бев ученик токму во ОУ „Стив Наумов“. Им посакувам среќа и успех на сите првоодделенци, на сите ученици и наставници“, посочи Ковачевски.

„Во нашето училиште денес 102 деца добија статус на првачиња. Бројот на ученици од година во година се зголемува во училиштето, ги примивме првачињата, се помина во најдобар ред и задоволни сме од соработката со заедницата“, истакна директорката на училиштето „Стив Наумов“, Дијана Христовска.

Во чест на првачињата, во дворот на училиштето се одржа приредба од нивните една година повозрасни соученици, второодделенците во ОУ „Стив Наумов“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!