Градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски денеска присуствуваше на традиционалната 52. по ред државна калемарска акција на диви овошки НОВАЦИ 2025.

Оваа акција е воедно и натпревар на калемење односно облагородување на дива круша Горница на која се калемееа сортите Санта Марија, Вилијамовка, Клаповка, Јунска убавица и Боздоганка и дивата слива Џанка на која се калемеа сортите Чачанска Рана, Чачанска лепотица и Пожегача.
Денес беа искалемени повеќе од 2000 садници овошки.

Во манифестација учество зедоа ученици од ЦДОУ „Славко Лумбарковски“ од Новаци, средното земјоделско училиште,,Кузман Шапкарев” од Битола , студенти и фармери.
„Калемарската акција на диви овошки е во организација на Народна техника на Македонија а вклучени беа и од ОО на Црвен крст Битола. Со оваа акција се очекува искористување на диворастечката флора што ќе резултира со добивање на квалитетни плодови од еколошки чисто поднебје, а акцентот е токму на крушата која претставува овошје кое недостасува на домашниот пазар, информираат од Општина Новаци.

Оттаму додаваат дека ваквите акции ќе дадат поттик кај месното население за зголемување на ангажманот и разгледување на можностите за проширување на сопствениот семеен бизнис, заживување на руралните средини и селскиот туризам, практична обука на ученици за калемење и сл.
Од Општината Новаци информираат дека оваа акција започна во 2009 година кога на овој принцип беше извршено калемење и облагородување на повеќе од 2000 круши-горници во Битолскиот дел од Мариово, а потоа се спроведе и во други општини и региони низ државата.