Home / Економија / Битолчани го воскреснуваат туризмот во Преспа

Битолчани го воскреснуваат туризмот во Преспа

Сите што во изминатите денови, откако почнаа летните одмори, макар еднаш биле на Преспанско Езеро се воодушевени.

Некои дури не можат да поверуваат во глетката.

Извонредно уредена песочна плажа, современ ресторан со капацитет од 360 гости,  специјализиран рибен ресторан за 90 посетители, репрезентативно кафуле за 450 гости, огромен број лежалки со чадори, „шеички  кабини“, детски игралишта, терени за одбојка на песок, бесплатни паркинзи за автомобили, мотори и велосипеди во Сливница, како и комплетно новоуредена песочна плажа, обновени  бунгалови, целосно реновиран ресторан и летна бавча, нова урбана опрема за туристите во автокампот „Крани“.

Тоа е само дел од новите содржини што им се достапни на многубројните туристи што деновиве престојуваат покрај Преспанско Езеро.

Но иронијата е во тоа што додека туризмот во Битола буквално умира и додека „менаџерите“ на битолските државни туристичко-угостителски објекти, детското одморалиште „Пелистер“ и на туристичкиот центар Нижеполе ставија клуч на вратите од своите некогаш култни и мошне посетени одморалишта и туристички центри, тројца битолчани едноставно го преродија туризмот во Преспа, од страната на Претор.

Откако сопственикот на угостителскиот објект „Капри“ во Битола, Николче Трпеновски, го презеде менаџирањето на автокампот „Крани“, ова некогаш познато и реномирано туристичко место на преспанскиот брег доби сосема нов лик.

Крани

          Крани

Деновиве и плажата кај Сливница, во Преспа, според тие што веќе ја посетиле, почнала да личи на Ибица, благодарение на вложувањата на сопствениците на познатите кафулиња „Конект“ во Битола.

На свеченото отворање на комплексот „Конект бич“ кај Сливница деновиве  присуствуваа над 7.000 гости, а викендов, на оваа плажа, која битолчани веќе ја нарекуваат Ибица, имаше над 3.000 гости од Ресен, Битола, Прилеп, Кавадарци…

– Преспа деновиве доживува вистинска ренесанса. Во изминатите денови илјадници туристи и гости ги запоседнаа плажите на преспанскиот брег. Големо е задоволството да се каже дека се остварија нашите предвидувања, кои ги споделивме со јавноста пред почетокот на годинашната летна туристичка сезона, дека летово Преспа ќе „експлодира“. Посетителите се задоволни од понуденото, бидејќи плажите веќе личат на оние во атрактивните туристички места низ светот. Најмногу посетители имаат двете реновирани плажи во Сливница и во Стење, кои добија сосема нов лик – нагласи градоначалникот на Ресен, Ѓоко Стрезовски, додавајќи дека плажите се уредени како со средства на концесионерите, така и со поддршка на Министерството за транспорт и врски.

Тоа што особено ги радува туристите на преспанскиот брег е што концесионерите на плажите кај Сливница и Крани не само што дадоа голем поттик во разубавувањето на амбиентот туку на сите гости им понудија извонредни услови за одмор и рекреација.

Сливница

     Сливница

– Во комплексот „Конект бич“ вложивме над 600.000 евра. Во оваа инвестиција влеговме свесни дека таа нема да ни се врати толку брзо, но дека ќе се исплати на долги патеки. Сметам дека на сите гости што ќе се одлучат да се одморат во Сливница им создадовме извонредни услови – велат сопствениците на „Конект  бич“, Томе Трампевски и Сребре Нечовски.

И во автокампот „Крани“ владее речиси монденска атмосфера.

– Уредена песочна плажа, реновиран ресторан, нов летен шанк, голем број лежалки. Изградени игралишта на песок, детски игралишта… Сето тоа го изградивме за да ги задоволиме барањата на нашите гости – вели концесионерот на „Крани“, Николче Трпезановски.

Особено радува фактот што, со новите инвестиции на младите битолски менаџери во Сливница и во Крани, над стотина млади битолчани и ресенци го најдоа своето прво вработување.

 

 

 

 

Автор: Менде Младеновски 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*