Home / Интервјуа / Човекот наречен оркестар

Човекот наречен оркестар

Вангел Мачковски

 Вангел Мачковски

Додека во овие кризни времиња, илјадници млади битолчани сонуваат да ја напуштат Битола и да заминат во светот, Вангел Мачковски, кој неколку децении живее и работи во градот од соништата, Палма де Мајорка во Шпанија, постојано ја сонува Битола, своето Буково.

– Многумина кога сонуваат имаат разни сништа. Но јас откако се разделив од Битола, од моето Буково, постојано го сонувам истиот сон, за Буково и Битола.

Ги „сонувам“ дури и со отворени очи – вели Вангел Мачковски, кој пред неколку децении ја напушти Битола и се пресели во Шпанија, а кој секој слободен момент од својот живот го користи да намине во родниот крај.

Роден е во Буково, пред 78 години, а веќе неколку децении живее и работи во Палма де Мајорка, Шпанија, каде што првпат заминал пред повеќе од 50 години.

Талентот кон музиката го наследил од неговата мајка, а музички се едуцирал во Вуковар, каде што изучувал музичко училиште и каде што за првпат навлегол во тајната на звуците на хармониката и трубата.

– Јас сум од Буково. Мајка ми беше многу музикална. Ткаеше на разбојот, а јас како дете ја слушав. Пееше песни една по друга. И кога ја слушав како ги „везе“ оние тажни, емотивни македонски песни, мислев дека плаче. Толку чувствително ги пееше, така што кога таа пееше јас ќе ја отворев вратата и ќе ѕиркав, за да видам дали плаче или пее. Иако нејзините песни будеа емоции на тага и солзи, кај мене тие будеа чувство на радост и среќа што мојата мајка има таков глас и музичка дарба. Така благодарение на мајка ми јас станав музичар и еве веќе цели 60 години се занимавам со музика – вели Вангел Мачковски.

За овој исклучителен уметник тие што го знаат, или имале можност да го гледаат на музичката сцена, велат дека е „човек-оркестар“, кој свири дури на 20 разни музички инструменти.

– Со музиката почнав да се занимавам сосема случајно. Еден ден, кога врвев покрај Офицерскиот дом во Битола го слушнав воениот оркестар. Одеднаш посакав да бидам еден од нив. Среќата ми се насмевна мошне брзо, зашто во 1954 година беше распишан конкурс за упис на питомци во Военото музичко училиште во Вуковар. На конкурсот се пријавија над 800 кандидати од цела Југославија. Искрен да бидам дотогаш немав фатено никаков музички инструмент. Кога ја видов конкуренцијата сакав да се откажам, но тогаш се сетив на зборовите на мојата мајка, кога ми велеше дека секогаш, каде и да сум кога ќе се најдам во безизлезна состојба да верувам во Бога. „Бог ќе ти го покаже патот кон успехот“, ме советуваше тогаш мајка ми. Така и се случи. Откако ме примија во Военото училиште завршив академија свирејќи на труба и на хармоника. Со текот на времето, мојот немирен дух ме натера да истражувам нешто ново, да ѝ дадам нешто повеќе на публиката од она што е вообичаено, да свирам на 20 инструменти. Почнав буквално да свирам на секој инструмент што ќе го допрев. Набрзо во Сплит формиравме ансамбл „Алегро“ во кој свирев на три инструменти, хармоника, труба и тромбон.

Благодарение на музиката ги запознав познатите пејачи во тоа време со кои имав голем број настапи низ јадранскиот брег – вели Вангел.

Подоцна тој од „Алегро“ премина во групата „Кенеди бојс“ со која имаше успешни настапи во Европа. Но како што вообичаено бидува по големите успеси следуваше кризен период во неговата кариера. Групата се распадна и Вангел остана сам, без група, па во тие тешки моменти помисли дури да се откаже од музиката. Тогаш тој одлучи да научи да свири на сите музички инструменти и да не зависи од никого. Следуваше случајната средба со музичарот Маноло Мартинез од Шпанија, кој ја виде неговата болка и од музиката го внесе во светот на духовноста.

– Маноло ме однесе во една црква во која тој навраќаше. Дружењето со него ме внесе во духовноста и јас почнав да живеам нов духовен живот. Таму го најдов лекот за моето спасение. Вербата во бога и неговата сила ме излекуваа, раскажува Вангел, кој подоцна формира свој оркестар „Вангел Македонија шоу“, каде што тој свири се сам.

– Сега свирам на различни историски и етнички инструменти од повеќе земји, серпентон од 16 век од Франција, ирска флејта, стилдрам од Доминиканската Република… Се трудам секој инструмент да биде совладан како што треба. Со виртуозноста и атрактивните настапи сакам да ги предизвикам сите љубители на музиката. Да ги натерам да ме слушаат и да уживаат во мојата изведба на класичните дела на најразлични инструменти. Но, да се стигне до успехот не беше лесно. На тој трнлив пат многу ми беше важно да не го загубам копнежот за да ѝ дадам нешто на публиката по кое ќе бидам запаметен, да не ја загубам волјата за она што го работам, она што сум го учел – вели Мачковски. Инаку со својот „оркестар“ како што во шега вели, има настапувано во цел свет. Речиси нема место каде што не музицирал на своите 20 инструменти.

– Каде сѐ не сум настапувал. Во целиот свет. Ја поминав речиси и цела Европа. Потоа бев и во Канада и во Австралија. Сепак, најдобро ми е во Палма де Мајорка, на Балеарските Острови. Всушност, тоа е сосема разбирливо зашто мојата самостојна кариера ја почнав токму во Барселона и оттаму се преселив во Палма де Мајорка, каде што останав сѐ досега. Мојата работа е концентрирана веќе над 40 години во повеќе од 300 туристички објекти на Балеарските Острови – додава тој.

Вангел Мачковски во својата досегашна музичка кариера има издадено вкупно 11 албуми од кои два се со духовна музика.

– По природа сум голем верник. Искрено и од дното на душата верувам во Бога и компонирам духовна музика, но пишувам и текстови и аранжмани. Сакам преку мојата музика народот да почувствува дека го сакам човекот. Да чувствува дека јас пренесувам љубов. Мислам дека е тоа најважно – вели човекот наречен оркестар, кој секаде каде што се појавил, околу себе собирал публика за да ѝ ја пренесе универзалната порака на музиката. Нејзината вечност. На неговиот репертоар се наоѓаат музички творби не само со „потекло“ од Македонија, туку репертоарот е така селектиран што опфаќа дела од речиси целиот свет.

– Композициите се од селектирана светска музика од различни периоди. Ги свирам Верди, Моцарт, Римски-Корсаков… На репертоарот имам и мои авторски дела. Генерално, изборот го правам за да ги задоволам сите вкусови на публика, која обично во Шпанија ја има од цел свет, што би се рекло за луѓе од 7 до 77 години. Не се работи ниту за супермодерна музика, ниту за стара музика, туку за музика што во тој момент е популарна, од Вангелис, па до филмска музика и слично. Сепак, најзадоволен сум кога ја свирам македонската музика, бидејќи таа има своја посебна убавина. Таа е музика што има душа. Веројатно е тоа така. Многу светски музичари, доаѓаа во Палма де Мајорка. Не сакам да се фалам, но тие беа изненадени од каде ми е таа сила да владеам толку инструменти и во исто време и публиката да се забавува – вели Мачковски. Палма де Мајорка е неговиот втор дом. Но, носталгијата го влече во Битола, во Буково, во Македонија. Затоа секоја година е присутен тука, да не ја загуби врската со родното огниште, со својата татковина.

Се радува на секоја покана да настапи во Битола. Секоја покана кога ќе ја добие за настап дома кај него раѓа неописливо чувство на радост и среќа. А животот е најубав кога можете да доживеете и да пренесете на некој друг среќа. Неодамна еден од неговите албуми беше посветен на децата од Мозамбик и приходот од него беше наменет за хуманитарни цели. На тој начин по којзнае којпат ја искажал својата хуманост, која постојано го води во животот.

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

Фотографија: Сашо Ристевски

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!