Home / Вести / Димовски, Милошоски, Велјановски,Змејковски бараат одлагање на Конгресот

Димовски, Милошоски, Велјановски,Змејковски бараат одлагање на Конгресот

Високи функционери она ВМРО-ДПМНЕ и јавни функционери од редовите на опозициската партија, меѓу кои Илија Димовски, Антонијо Милошоски, Трајко Вељановски, Борис Змејковски, Никола Бакрачески, Илчо Захариев и други, бараат одложување на конгресот, поради, како што велат тие, огромни пропусти во организацијата и фаворизирањето на Христијан Мицковски да биде наследник на Никола Груевски.

„Водени од желбата за побрзо консолидирање на нашата партија,

Водени од намерата за сеопшто обединување на сите структури и поединци од ВМРО-ДПМНЕ,

Водени од политичката одговорност да направиме чекори кои ќе ја зацврстат и сплотат нашата партија,

Водени од намера побрзо да создадеме услови за промена на неодговорната, неуспешната и неспособната власт предводена од СДСМ.

Ние долупотпишаните, се залагаме за принципи и вредности, а не за личности, затоа што ВМРО-ДПМНЕ не е една личност, не е група од неколку или повеќе личности, туку е идеја за слобода, демократија и напредок на Македонија.

Имаме обврска пред членовите на ВМРО-ДПМНЕ, но имаме и обврска пред сите граѓани на Македонија што сакаат подобра иднина на оваа држава, да проговориме јавно за да обезбедиме демократичност и фер натпревар во рамките на нашата партија, како принцип и вредност за целата држава и сите нејзини граѓани.

Ние, долупотпишаните членови на ВМРО-ДПМНЕ сакаме да укажеме на сериозните проблеми настанати во процесот на организирање и спроведување на Конгресот на Партијата, но и да понудиме решенија кои ќе бидат општоприфатливи за целокупното членство на ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата има потреба од нов концепт на функционирање во кој ќе се почитува традицијата, успесите и вградениот труд на секој член, но и ќе се дава постојана шанса на нов и свеж потенцијал.

Концепт кој ќе биде гарант на демократијата во партијата и во државата. Сакаме да спроведеме Конгрес кој што нема да ја има хипотеката на демократски дефицит и нелојална конкуренција при изборот на Претседател.

Информациите од членството на терен говорат дека во спроведување на процедурата за избор на Претседател на ВМРО-ДПМНЕ има еден кандидат кој е очигледно фаворизиран, помогнат и поддржан од целокупната партиска инфраструктура на републичко ниво.

Се користат партиски ресурси само за еден кандидат.

Се врши притисок врз добар дел од делегатите да се потпишат зад кандидатурата на еден кандидат.

Се праќаат и вистинити и лажни поздрави до делегатите од влијателни личности во врвот на партијата со цел добивање на поддршка за едниот кандидат.

Се користат закани за исклучување од партијата и од органите на партијата на лица кои ќе одбијат да дадат поддршка на едниот кандидат.

Се на се, жалиме што мораме да констатираме дека Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ закажан за 22 и 23 декември под овие околности не гарантира демократски и транспарентен процес за легитимен избор на Претседател на партијата.

Пред да го објавиме ова јавно писмо, дел од нас, повеќе пати алармиравме и разговаравме со највисоките партиски функционери, но за жал до сега немаше никаква ефективна реакција“, стои во писмото.

Потписниците предлагаат неколку решенија за надминување на ваквата состојба:

1. ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ да донесат одлука за зголемување на бројот на делегати на Конгресот од 544 на најмалку 5.000 делегати, при што правото да делегираат делегати ќе го имаат Местните комитети на партијата, а тоа ќе значи дека членовите на ВМРО-ДПМНЕ го бираат Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со најширок можен легитимитет;

2. ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ да донесат одлука за одложување на одржувањето на Конгресот за 24 и 25 Февруари 2018 година, (да се даде шанса за транспарентна постапка и демократски натпревар, а да се избегне чувството дека некој набрзина сака да избере однапред предодреден кандидат);

3. ЦК на ВМРО-ДПМНЕ да назначи колективно Претседателство од 3 до 5 членови кои ќе ја раководат партијата до одржување на Конгресот (за да се отстрани сомнежот дека предлогот е со цел одолговлекување на промените во ВМРО-ДПМНЕ, а во исто време да се отстрани можноста од користење на партијата како поддршка на еден кандидат);

4. ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ да забранат користење на партиската инфраструктура за потребите на било кој кандидат (да се отстранат проблемите настанати во последните две недели);

5. ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ да овозможат делегатите да ја пријават секоја принуда, закана или притисок од било кој кандидат или негови официјални претставници и да постапува за да ги расчисти и отстрани таквите појави (кандидатите мораат да покажат демократски капацитет и одговорност);

6. ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ да забрани на официјални лица на раководни позиции да ја користат партиската инфраструктура во полза на еден кандидат;

7. Да се овозможи на актуелните претседатели на Општинските комитети и актуелните пратеници да бидат делегати на Конгресот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!