Home / Градска хроника / Донесена одлука за спроведување на стратегиска оценка “Регионален план за управување со отпад”

Донесена одлука за спроведување на стратегиска оценка “Регионален план за управување со отпад”

Советот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион  донесе одлука  за спроведување на стратегиска оценка за планскиот документ  „Регионален план за управување со отпад за Пелагониски плански регион” на предлог на Меѓуопштински одбор за управување со отпад.

Овој плански документ кој ќе има влијание врз животната средина го донесува Советот на деветте пелагониски општини , а за чија изработка се задолжени министерствата за животна средина и просторно планирање, здравство и за локална самоправа на Република Македонија, јавните комунални претпријатија кои постапуваат со отпад, Институтот за јавно здравје, ЦРППР и невладиниот  сектор  кој делува во оваа област.

Обемот на извештајот на стратегиската оцена треба да ги прифати следните аспекти: идентификување на можните влијанија врз медиумите и областите во животната средина  со посебен акцент на влијанијата врз почвата, водите и воздухот како и здравјето на луѓето.

Извештајот треба да предвиди мерки за надминување за секое идентификувано влијание како и определени мерки на следење на влијанијата.

Регионалниот план за управување со отпад за планскиот регион предвидува неколку различни сценарија за управување со отпадот: неговата реализација со одредени мерки треба да значи изведба на градежни активности а со нив и постојки за третман на отпадот кој е продуциран во ПР како и негово одлагање согласно Уредбата за определување на проектите и критериумите.

Главна цел на регионалниот план е да се регулираат и хармонизираат целите дадени во Националната стратегија и Националниот план за управување со отпад, да се воспостави интегриран и финансиско одржлив систем за управување со отпад во ПР и да се поддржат планските процеси за интегрирано регионално управување на отпадот.

Со овој документ ќе се одредат насоки кои ќе водат до  намалување на количеството на отпад кое ќе завршува на депонија, искористување на материјалната и енергетската вредност на отпадот, управувањето на отпадот да се спроведува на начин  со кој ќе се намалат влијанијата врз животната средина и човечкото здравје и санација на постоечките регуларни и нерегуларни депонии кои преставуваат опасност.

Врз основа на извршената проценка при изготвувањето на овој документ  утврдено е дека во пелагонискиот регион има 8 нерегуларни диви депонии со голем ризик врз животната средина со што планот предвидува мерка за нивно затворање или рехабилитација.

Со ова ќе се обезбеди подобра заштита на животната средина и намалување на негативните влијанија на земјоделските култури што се наводнуваат со водите од овој регион, подобрување на квалитетот на воздухот, намалување на емисиите на стакленички гасови, подобрување на јавното здравје, биодиверзитетот, водниот потенцијал и сл.

Градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски е претседател на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад.

Одлуката заедно со формуларите за определување на потребата од спроведувањето на стратегиската оценка се објавува на веб страницата  на општините, МЗСПП и ЦРППР.

Против оваа одлука јавноста има право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка од работен однос во втор степен во рок од 15 дена од денот на објавувањето на одлуката на веб страницата.

 

 

Б.В.

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*